Алијанса и Алтернатива најавија „војна“ со „измамничката и нелегитимна“ влада на СДСМ и ДУИ

Договорената влада меѓу Заев и Ахмети е измамничка и нелегитимна, реагира коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива на Зијадин Села и Африм Гаши.

Измамата се состои во тоа што ДУИ го прекрши единственото предизборно ветување за премиер Албанец и во тоа што СДСМ изјавувала дека „во никој случај нема да формира коалиција со ДУИ“.

Нелегитимноста, пак, произлегува од тоа што партнер на оваа влада станува партија кој насилно и манипулативно ја ограби политичката волја на Албанците, тврдат од Алијанса/Алтернатива.

Оваа влада, порачуваат тие, не заслужува никаков политички респект и затоа ќе се соочи со 12 пратеници и народ кои нема да дозволат измама и узурпација на политичката волја. Како поборци за вистинска демократија и за заштита на граѓаните од повторна измама, порачуваат во реакцијата, Алијанса за Албанците и Алтернатива ќе бидат бранители и непоколеблив војник против оваа нелегитимна и измамничка влада и „мега-измамата и срамот кои само нивното лице може да го издржи“.

Инаку, во текот на преговорите, Алијанса и Алтернатива беа категорични во ставот дека нема да се вмешуваат во преговорите и дека предност ќе ѝ дадат на ДУИ за да го реализира барањето за премиер Албанец. Тоа, впрочем, случајно или не, беше и едно од барањата на ДУИ во „албанската платформа“ која Бујар Османи ја претстави постизборно, како сет правила на кои ќе се сложат сите албански партии. Сепак, Алијанса и Алтернатива беа категорични и дека барањето на ДУИ е всушност блеф и дека доколку не успее да го реализира, интегративците треба да одат во опозиција.

Прочитајте и:  Филипче ѝ го честиташе изборот на Шекеринска: Уште една потврда за исправноста на политиките и историскиот успех на СДСМ со членството во НАТО

Во меѓувреме, Алијанса и Алтернатива ќе ја разгледуваат можноста за бојкот на Собранието. Идејата ја најави генералниот секретар на Алтернатива – Скендер Реџепи, уште вчера, а Арбен Таравари од Алијанса за Албанците ја оцени како сосема логичен чекор и една од можните опции.

„Со амин на државните институции, ДУИ ја украде победничката волја на 82 илјади поддржувачи на коалицијата ‘Сега е време’. Тие ги измамија луѓето (уште еднаш) дека нивната единствена цел и црвена линија е премиер Албанец.

Настрана од убеденоста на јавноста дека ова ќе биде следната измама, коалицијата ‘Сега е време’ јавно се заложи дека ако успеат да постават премиер Албанец, ние ќе го гласаме без никаков услов.

Но сега и најскептичните Албанци се убедени дека вистинската желба на ДУИ е зачувување на тесните интереси на некои луѓе од кои е заробен државниот систем.

Ако во следните денови нештата не се променат во корист на Албанците, ќе им предложам на лидерите на коалицијата ‘Сега е време’ да ја бојкотираат работата на Собранието на Република Северна Македонија и со ова да стават до знаење на сите внатре, но и надвор, дека нема играње со политичкото достоинство на Албанците.

Ако ништо друго, не би сакал да бидам соучесник во измама, криминал и кражба на демократијата кај Албанците“, напиша Реџепи на Фејсбук, откако вчера СДСМ и ДУИ соопштија дека постигнале сериозен напредок во преговорите.

 

- Реклама -