Ахмети: Со чувствата на Албанците нема играчка, нека им раскажат предците како поминале со математиката со нас Албанците

Подобро да не ги погледнеме документите и да не ја отвораме таа тема, бидејќи не се знае кој ќе излезе „најстароседелец“, порача лидерот на ДУИ Али Ахмети вчера во Сарај, каде го презентираше Насер Зибери како кандидат за прв премиер Албанец во државата.

„Ми поставија прашање новинарите, зошто сега е идејата за Премиер Албанец? Им одговорив, зошто не сега! Повелете, одговорете ми сега мене! Дали заштитници на ова земја се само Зоран и Христијан, но не и Насер?“, рече Ахмети.

Тој истакна дека дека е многу разочаран од македонските политичари кои наместо да ја поздрават, побрзале да ја негираат, според него, идејата дека Албанец може да биде премиер, и со тоа покажале дека сѐ уште не се сменети и сѐ уште имаат предрасуди дека само тие се сопственици на државата:

„Тие се млади и јас ќе ги потсетам да ги прашаат нивните предци кои беа вклучени во политиката, како поминале со математиката и со нас Албанците. Овие прашања не се играчка и ние со чувствата на граѓаните, особено на Албанците, не се шегуваме. Зошто толку многу избрзаа, ова е разочарувачки – наместо да ја поздравуваат, ова е храбра, корисна идеја не само за земјата, туку и за регионот и за Европа, зашто придонесува во движењето на лојалноста на Албанците кон државата“, рече Ахмети, додавајќи дека државата има потреба од лојалност на сите страни, „особено на двете поголеми заедници кои живеат тука и се носители на одговорноста на албанскиот и македонскиот интегритетот и суверенитет“.

Лидерот на интегративците порача дека идеите се бесмртни, а тие застанале зад идејата за премиер Албанец и нема да паднат во замката на скептиците и злонамерните. Ахмети потсети и дека со нивна помош Стево Пендаровски станал претседател:

„Ние навистина бевме за консензуален претседател, како и оваа идеја, ја поставивме тука и ја реализиравме. Но, овој претседател кој се натпреваруваше пред пет години не победи, но сега кога се натпреваруваше на избори со нашата поддршка победи и сега е на таа функција. Сакавме да дадеме порака за нашите сограѓани дека ова земја оди напред обединета. Петнаесетти јули не е далеку, а на 16 јули, кој сака да разговара ние сме тука, повелете“, заврши Ахмети.

Прочитајте и:  Честитка од Ахмети за Денот на албанската азбука: До вчера го унапредувавме, денеска мора да го браниме албанскиот јазик 

Вчера ДУИ одржа и симболична „владина седница“ пред зградата на Владата, на која претстави низа „смели“, како што рече самиот Насер Зибери, заложби. Меѓу нив и мултиетничност во химната, албански јазик како задолжителен предмет за сите ученици почнувајќи од 5-то одделение, како и Македонец и Албанец на чело на десетте стратешки институции во државата, кои би носеле одлуки само со согласност од другиот.

По презентацијата на нивната програма, реагираа од СДСМ:

„ДУИ денеска и официјално се откажа од концептот едно општество за сите.

Жалиме што ДУИ се служи со ваква националистичка реторика и ги поткопува придобивките од Охридскиот Рамковен Договор.

Времето за поделби е одамна завршено. За Коалицијата ‘Можеме’ и СДСМ одамна не е важно кој на кој етникум припаѓа, туку колку е способен и работи во функција на ‘едно општество за сите’ и сигурна иднина на граѓаните.

Како што тргнале ДУИ, до крајот на кампањата ќе си го сменат и името на партијата. Од Демократска унија за интеграција ќе станат Националистички радикали за дезинтеграција.

СДСМ останува столбот на стабилноста, на обединувањето, на заедништвото, на напредокот, на иднината“, рекоа во соопштението.

Разочараност од заложбите на ДУИ денеска изрази и  министерот за информатичко општество и администрација (МИОА) – Дамјан Манчевски. Во гостувањето во „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“, тој порача дека ДУИ „ја промашила темата“:

„Темата и начинот на кој ДУИ ја води кампањата е од некои поранешни времиња. Припадницните на албанската етничка заедница имаат исти проблеми како и на другите граѓани – владеење на правото, економијата. ДУИ ја промашија темата на кампањата. И по сè што заедно направивме во оваа Влада, да се излезе со една ваква етно-центристичка кампања мислам дека им е грешка“, рече тој, додавајќи дека меѓуетничките односи не се проблем за граѓаните од било која етничка заедница.

„Различно е од тоа што беше порано. Главна задача на сите ќе ни биде да си направиме една внатрешна реформа“, додаде министерот.

- Реклама -