Вашингтон и Брисел во судир околу Меѓународниот кривичен суд, каде ќе застане Македонија?

Најновиот судир меѓу Вашингтон и Брисел околу Меѓународниот кривичен суд (МКС) повторно го отвора прашањето за позицијата на Македонија и нејзините обврски во процесот на пристапување кон Европската Унија. Додека американската администрација воведува санкции против Судот, ЕУ бара нивно укинување и најавува мерки за заштита на неговото функционирање. Во меѓувреме, од Скопје се очекува да го реши долгогодишното несогласување со европската позиција во врска со договорот за непредавање американски лица на МКС.

5
Вашингтон и Брисел во судир околу Меѓународниот кривичен суд, каде ќе застане Македонија?
Фото: МКД.мк

На 9 октомври 2026 година администрацијата на Доналд Трамп воведе санкции против Меѓународниот кривичен суд. Европската Унија реагираше со барање за повлекување на мерките и со најава дека ќе преземе чекори за да обезбеди Судот да може непречено да ја врши својата работа.

Ова не е само дипломатски спор меѓу САД и европските институции. За Македонија, прашањето има и конкретна правна и политичка димензија, бидејќи земјата е членка на Римскиот статут, а Европската комисија со години укажува на потребата од усогласување на македонската позиција со заедничките ставови на ЕУ за Меѓународниот кривичен суд.

Реклама

Римскиот статут е меѓународен договор со кој е основан Меѓународниот кривичен суд (МКС) во Хаг, надлежен за гонење лица обвинети за најтешките злосторства што ја засегаат меѓународната заедница. Усвоен е на 17 јули 1998 година во Рим, а стапи во сила на 1 јули 2002 година. Македонија го потпиша Римскиот статут на 7 октомври 1998 година, а го ратификуваше на 6 март 2002 година.

Договорот со САД од 2003 година

Во 2003 година Македонија склучи билатерален договор со САД за непредавање американски лица на Меѓународниот кривичен суд. Европската позиција е дека ваквите билатерални договори не треба да ја поткопуваат независноста, функционирањето и интегритетот на МКС, основан со Римскиот статут.

Во извештајот за напредокот на Македонија за 2023 година, Европската комисија посочи дека договорот со САД не е усогласен со заедничките позиции на ЕУ за интегритетот на Римскиот статут и побара од земјата да ја усогласи својата позиција.

Ова значи дека прашањето е одамна дел од европската агенда за Македонија. Новите американски санкции само му даваат дополнителна политичка тежина и ја прават дилемата поизразена: како да се одржуваат стратешките односи со САД, а истовремено да се исполнуваат обврските што произлегуваат од европската интеграција?

Реклама

Од Министерството за правда на Македонија на прашањата на МКД.мк одговорија дека Договорот со САД има сила на закон и дека нема никакви правни дилеми во однос на обврските од МКС.

„Законот за ратификација на договорот меѓу Владата на Македонија и Владата на Соединетите Американски Држави кој се однесува на предавањето на лица на Меѓународниот кривичен суд (Службен Весник на РМ бр. 70/2003) е ратификуван во Собранието на Република Македонија, што значи тој е дел од внатрешниот правен поредок и има сила на закон.

Со овој Договор, Македонија се обврзува дека нема, без изразена согласност на Владата на САД, да предаде или на кој било начин пренесе на Меѓународен кривичен суд за која било цел, лица од САД. ‘Лица од САД’ согласно овој договор ги вклучува сите државјани на САД и сегашни и поранешни припадници на воен персонал на САД во однос на дела што се наводно извршени со сторување или со несторување додека тие се или биле припадници на воен персонал на САД.

Доколку Меѓународниот кривичен суд побара апсење и предавање лице од САД кое се наоѓа на македонска територија, за наводни дела предвидени во Римскиот Статут, предност има Договорот со САД и македонските власти не би го предале американскиот државјанин на МКС без согласност на Владата на САД. Треба да се има предвид дека, Римскиот статут односно надлежноста на МКС се однесува на следните кривични дела: геноцид (член6), злосторства против човештвото (член 7), воени злосторства и агресија (член 8).

Реклама

Правната основа на овој билатерален договор произлегува и од Член 98 став 2 од Римскиот статут според кој: ‘Судот може да не бара предавање на лице ако тоа би ја натерало замолената државата да ги прекрши своите меѓународни обврски кон трета држава освен ако таа трета држава не се согласи’. Вакви договори САД има склучено со повеќе од 90 земји ширум светот, меѓу кои се и Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Романија…“, се вели во одговорот од Министерството за правда на Македонија.

Од Министерството за одбрана на Македонија на прашањето дали оваа неусогласеност може да предизвика негативни последици за американската воена помош, заедничките вежби или воено-техничката соработка, велат дека на меѓусебните состаноци во делот на одбранбените прашања кои се воделе со претставници од САД, во изминатиов период не станало збор за ова прашање.

Во услови кога САД и ЕУ заземаат спротивставени позиции околу функционирањето на Меѓународниот кривичен суд, за Македонија повеќе не е доволно само да ја повторува определбата за европска интеграција. И покрај толкувањето од Министерството за правда, Македонија треба да покаже каква конкретна политика ќе води кога таа определба ќе бара правни и дипломатски одлуки што можат да влијаат врз односите со Вашингтон.

А.Д.