
Македонскиот ракометен репрезентативец Филип Талески потпиша за ХСЦ Сур Арау, швајцарски клуб кој се бори за опстанок во најсилната конкуренција во земјата.
Од клубот соопштија дека трансферот бил завршен откако извесно време се чекала работната дозвола. Талески претходно настапуваше за ГРК Охрид, а во кариерата беше шампион на Германија со Рајн-Некар Левен и играше во Лигата на шампионите.
„Многу се радувам што станувам дел од овој амбициозен клуб. Мојот целосен фокус сега е брзо да се интегрирам во тимот и да се подготвам за претстојните натпревари. Швајцарската лига е силна. Сакам да го вложам моето меѓународно искуство, да го поддржам тимот на теренот и надвор од него и да прославиме многу успеси со нашите навивачи“, изјави Талески.
Швајцарскиот клуб наведе дека Талески настапил за Македонија на пет европски и четири светски првенства. Сур Арау е претпоследен на табелата и на 22 ноември од 17 часот игра против последнопласираниот тим, а Талески треба да дебитира на тој натпревар.





