Сиљановска-Давкова ги прими акредитивите на амбасадорот на Саудиска Арабија

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на 19 ноември ги прими акредитивните писма од новоименуваниот амбасадор на Кралството Саудиска Арабија, Турки бин Ибрахим Ал-Мади, со седиште во Тирана.

0
Сиљановска-Давкова ги прими акредитивите на амбасадорот на Саудиска Арабија (Опсервер)
Фото: Опсервер

На средбата било разговарано за унапредување на билатералните односи. Сиљановска-Давкова ја оценила одлуката за отворање прва резидентна амбасада на Македонија во Ријад како потврда на определбата за продлабочување на соработката меѓу двете држави.

Таа посочила дека постои значителен потенцијал за економска соработка во енергетиката, со акцент на обновливите извори на енергија, земјоделството, туризмот, инфраструктурата и технологијата. Соговорниците ја нагласиле потребата од почести контакти меѓу бизнис-заедниците на двете држави.

Реклама

Двајцата изразиле подготвеност за интензивирање на политичкиот дијалог на највисоко ниво и за склучување билатерални договори во различни области. Сиљановска-Давкова оценила дека саудискиот стратешки план „Визија 2030“ и учеството на Македонија на „Експо 2030“ во Ријад претставуваат можност за поширока и подлабока соработка.

Претседателката ја посочила и можноста македонските граѓани да добијат туристичка електронска виза или виза при пристигнување во Саудиска Арабија, што, според неа, би го зголемило интересот за посета на земјата. Таа се заблагодарила за поддршката од Саудиска Арабија за македонската кандидатура за членство во Економскиот и социјалниот совет на ОН за мандатот 2027–2029, со уверување дека соработката ќе продолжи и на мултилатерален план.

Амбасадорот Ал-Мади искажал подготвеност за унапредување на севкупните односи меѓу двете држави.