Почна вакцинацијата на ситниот добиток против сипаници кај овците и козите

Во Источниот плански регион почна итната вакцинација на овците и козите против сипаници, соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ). Во осумте региони ќе бидат опфатени 3.417 стада и 438.042 животни.

0
Почна вакцинацијата на ситниот добиток против сипаници кај овците и козите (Нетпрес)
Фото: Нетпрес

Првата фаза од кампањата ќе опфати 1.859 стада со 193.527 животни во Вардарскиот, Источниот, Југоисточниот и Североисточниот регион. Во втората фаза ќе бидат опфатени 1.558 стада со 244.515 животни во Југозападниот, Пелагонискиот, Полошкиот и Скопскиот регион.

Третата фаза предвидува дополнителна вакцинација на јагниња и јариња што ќе ја достигнат минималната возраст по првите две фази, како и на животни чија вакцинација била одложена поради клиничка состојба или ветеринарна проценка. Ќе бидат опфатени и бремени животни и животни во првите 6 недели по породувањето, фарми што биле недостапни за време на почетната кампања и фарми каде што вакцинацијата била одложена поради сомнение за инфекција, со одобрение од надлежниот официјален ветеринар.

Реклама

Кампањата ќе опфати клинички здрави овци и кози и јагниња и јариња што ја достигнале минималната возраст за вакцинација. Болните животни, бремените животни и другите категории ќе се третираат според упатството за употреба на вакцината.

АХВ соопшти дека вакцинацијата е мерка за спречување на ширењето на болеста и намалување на ризикот од нејзино понатамошно појавување.