ДЗР утврдил слабости во ИТ-безбедноста на ФЗО, Фондот доставил акциски план

Државниот завод за ревизија утврдил слабости во информациската безбедност на Фондот за здравствено осигурување, вклучително и недостиг од кадар, пропуштени тестирања и периоди без договорена ИТ-поддршка. Фондот доставил акциски план за спроведување на препораките, со рокови до 31 декември 2027 година.

3
ДЗР утврдил слабости во ИТ-безбедноста на ФЗО, Фондот доставил акциски план (Опсервер)
Фото: Опсервер

Ревизијата утврдила дека во периодот опфатен со проверката биле пополнети само седум од 42 систематизирани работни места во Секторот за информатика на Фондот, односно 16,67 отсто. Не била пополнета ниту позицијата „Офицер за сигурност на информациониот систем“.

Во јули 2023 година основна онлајн обука за сајбер-безбедност завршиле 556 од вкупно 830 вработени, но потоа немало дополнителни обуки ниту симулации со лажни фишинг-пораки. Анализата на осум клучни договори за ИТ-услуги од 2023 до 2025 година покажала временски празнини во договорната покриеност, а до завршувањето на ревизијата не било спроведено пенетрационо тестирање на целиот информациски систем.

Реклама

Фондот има систем за заштита и создавање резервни копии, но немал ажурирана и одобрена политика за обновување на податоците, ниту бил тестиран процесот на нивно враќање. Иако постои секундарна локација за работа при прекин на примарниот ИТ-систем, ДЗР препорачал унапредување и редовно тестирање на плановите за континуитет и обновување по инциденти.

Фондот соопштил дека изготвил акциски план што ги опфаќа препораките, со корективни активности, одговорни организациски единици и рокови. Како веќе реализирани активности ги навел сегментацијата на мрежата во дата-центарот и назначувањето одговорни лица за администрирање на автентикацијата и контрола на корисничките пристапи.

Планот предвидува и ажурирање на безбедносните политики, изработка на ИТ-стратегија, процена на ризиците, модернизација на инфраструктурата и континуирана едукација на вработените. Роковите за планираните активности се до 31 декември 2027 година.