Торони е мало село кое се наоѓа на југозападниот дел на вториот крак од Халкидики, Ситонија, на 17 километри јужно од Неа Мармарас. Во селото живеат помалку од 300 луѓе, додека во пошироката област, Торонеос околу 4.000 жители. Токму затоа, Торони претставува идеална дестинација за летни одмори.
Легендата вели дека Торони била жената на Протеј, синот на Посејдон. Веројатно поради таа причина, жителите на Халкидики во 8. век ја основале населбата Торони токму на крајните делови од полуостровот, именувајќи ја според сопругата на „богот на морската непредвидливост“. Во тоа време, местото имало исклучителна стратешка важност во поморските битки, но денес претставува мирно место за уживање и релаксација. Денешните жители се ориентирани кон туризам, риболов и земјоделство.
Селото Торони е оддалечено 142 километри од Солун и 222 километри од границата со Македонија, но за нијанса подолгото патување е исплатливо поради прекрасното природно опкружување и нештата што ова место ќе ви ги понуди.
Пред Торони се простира една од најубавите плажи на полуостровот Халкидики, со вкупна должина од 2,5 километри. Оваа плажа се одликува со златно-жолт ситен песок и кристално бистра вода. Зад селото се издигаат ридови со благи падини и бујна вегетација. Сето ова, овозможува пријатна атмосфера, чист воздух и пријатно ветре кое повремено ќе ве разлади.
Во Торони покрај стандардните погодности на летните одмори во Грција, постојат повеќе организирани спортски активности во кои ќе можете да уживате, како на пример: скијање на вода, спортско рибарење, нуркање, планинарски тури итн.
Текстот е објавен во соработка со Iguana.mk