
Во однос на тоа што се очекува со приходите, министерката рече дека тие се многу внимателно проектирани, за секој приход има методологија која е потпомогната низ годините наназад од страна на Меѓународниот монетарен фонд и врз основа на тоа се правени проекциите.
„Најпесимистички сме настроени во делот на акцизите каде ги имаме зголемено за 1,5 милијарда денари и тоа нормално е дека очекуваме да имаме раст кај акцизите од тутун и алкохолни пијалаци. Тоа е нешто што го очекуваме дека ќе имаме пораст на количини, имаме и промени во делот кај тутунот со царинските стапки. Така што тука очекуваме и имаме песимистичко сценарио. Не мислам дека имаме некоја грешка во проекциите во тој дел. Во 2026 година направивме корекции единствено само во делот на акцизите. Во другиот дел ние корекции немаме направено. Очекувањата се дека ќе имаме реализација на Буџетот, единствено нешто што ќе видиме е во делот на данокот на добивка, затоа што во него го евидентиравме солидарниот данок“, посочи Димитриеска-Кочоска.
Исто така, потенцираше министерката, е предвидено и за идната година така да го прикажеме солидарниот данок кој го враќаме и во суштина го сторнираме од данокот на добивка и имаме повеќе наплатено данок на добивка, но заради парите кои ги враќавме назад, не беше обврска која ние ја создадовме туку претходната влада, ние имаме прикажување на данокот на добивка во помала наплата од тоа што реално е наплатено.
„За следната година бевме исто така повнимателни, бидејќи на крајот тука ќе бидат прикажувањата и следната 2027 година имаме уште 1,5 милијарди денари да вратиме од солидарниот данок“, додаде Димитриеска-Кочоска.



