Моделот CLA е нова Мерцедесова лимузина, најмала во гамата и единствена со погон на предните тркала, чија најважна задача е да ги освои младите купувачи, која досега беа убедени дека големите автомобили со трикрака ѕвезда се адекватни само за постарите возачи.
Надграден на А-класа, оваа лимузина ги има сите атрибути што ги имаат и далеку поголемите претставнички од гамата, врвен дизајн, комфор, голем багажник и многу практични елементи за секојдневието.
Нема сомневање дека производителот кој во минатото важеше дека е специјалист за големи, луксузни и екстравагантни автомобили сега е специјалист за возила со многу помали димензии, кои сепак ги задржаа истите атрибути. Важна цел на експертите од Штутгарт со овој наплив на нови помали модели е да ги освојат пред се помладите купувачи, а според она како се одвиваат работите и остварените продажни резултати, се чини и успеваат во тоа, дури и над очекувањата. Почетокот на најновата успешна Мерцедесова приказна е А-класа. Најновата генерација на најмалото „мече“ во гамата беше лансирана минатата година, по што следеше лимузинската изведба, моделот CLA, кој блесна неодамна, а следи и кросовер издание (GLA), како и спортска караванска варијанта (CLA Shooting Brake). Мерцедесовите стручњаци понудија нешто ново, сосем несфатливо за светот, создадоа база за возило кое освојува со ист ефект како и Е-класа, CLS, SL…
Беспрекорен дизајнерски пристап
Mercedes CLA успеа да ги спои предностите на А-класа и големата купе лимузина CLS. Во Штутгарт се посебно горди дека успеале да направат вакво ремек дело врз платформата на најмалото „мече“ и се чини како да доволно ја намалиле CLS изведбата, која несомнено важи за една од најубавите лимузини, прва која во модерната автомобилска историја убеди многумина дека еден модел кој го има епитетот купе, може да има четири врати. Но, кога сме веќе кај димензиите, тие истакнуваат уште една предност на атрактивниот и функционален дизајн, фактот дека CLA воопшто не е мал автомобил. Тој е дури подолг и од В-класа, а со четири сантиметри ја надминува и С-класа, која сепак има подолго меѓуоскино растојание за шест сантиметри. Еве одговор на тоа зошто има толку многу простор и голем багажник.
Новото купе успешно го отелотворува дизајнот на прототипот Concept Style Coupé во сериско производство. Во Mercedes со гордост истакнуваат дека ниту еден сериски автомобил не може да се пофали со така низок коефициент на отпорот на воздухот, како што е случајот со CLA, кој важи за најеродинамичниот модел.
Точно дека оние Cd=0,23 се измерени кај верзијата CLA 180, па тој се зголемува во некои други изданија, на пример и кај нашиот тестен модел, но сепак аеродинамичноста е еден од најголемите вредности на оваа креација. Во многу нешта напред наликува на базната А-класа, исто е и меѓуоскиното растојание, но гледано странично и во задниот дел се кријат дизајнерските, но и практичните вредности на ова остварување. Ова „бело мече“, кое ни беше на располагање неколку дена благодарејќи на соработката со МакАутоСтар, македонскиот импортер, во дополнителната опрема имаше ксенон светла кои му ја разубавуваа „насмевката“ на далеку поспецифичната маска и панорамски сончев покрив, па сето тоа му даваше дополнителен „шмек“. За дизајнерското остварување веќе пристигнаа и големи признанија, а особено би го истакнале задниот дел, почнувајќи од С-носачот, преку капакот на багажникот, светлосните групи се до оние две цевки од издувниот систем. Комплетна складност што гледано од дизајнерски аспект го надминува и CLS.
Ентериерот е спортски, но и практичен
Со самото влегување во кабината возачот се сретнува со атрактивни спортски седишта, преслечени со DINAMICA microfibre ARTICO man-made и логично многу елементи од другите Мерцедесови модели, за да „знаете“ во кој автомобил сте влегле. Во преден план впечаток оставаат атрактивните округли отвори за вентилацијата. Инструменталната табла е близу до онаа од А-класата, како и централната конзола, а во верзијата 220 CDI, која ни беше на тест, треба да се напомене дека имате „чист гребен“, само со копчето од командниот центар и некои ладички за дребулии и чаши, поради опцијата со седумстепен автоматски менувач.
Унапредениот мултимедијален центар му овозможува на возачот и врска со интернет, па може да се добијат сите потребни информации за вашето патување, а не треба да се заборават ниту сите оние дигитални опции за непречена комуникација, приклучоци, додатоци… Ако сето ова е ОК, тогаш не треба дополнителна анализа за аудио поставката!
Би ги истакнале и би дале врвна оценка за предните седишта, спортски обликувани во облик на кади, како кај тркачките верзии, удобни и со нагласена бочната поддршка. Реално, можеби малку пречат ивиците при влегувањето, но… Изненадува просторот на задните седишта. Рака на срце не е за премногу дебели, но и превисоки, но е доволно доколку се само двајца патници. Место за трет има, ама…
За да отскокнува од другите!
Со цел да се даде апостроф на безбедноста, но секако и на функционалноста, практичноста и комфорот во новата CLA имате голем пакет на системи кои му помагаат на возачот, но и сопатниците. Стандардниот патнички простор се нуди со ATTENTION ASSIST, која препознава знаци на поспаност, системот заспречување на судир COLLISION PREVENTION ASSIST, кој работи во комбинација со сопирачките и може да заштити при судир, при брзина над едвај 7 km/h (до сега: над 30 км/ч). Во комбинација со системот за автоматско одржување на растојание DISTRONIC PLUS подобрен е и COLLISION PREVENTION ASSIST PLUS, состав кој е способен при постоење на опасност од судир, ако возачот не преземе мерки, да изврши самостојно сукцесивно запирање при брзини до 200 km/h и така да ја намали силата на ударот. При движење со брзина под 30 km/h системот може да реагира и на неподвижни автомобили напред.
Во моделот што ни беше на располагање имавме и детали како Thermotronic- дигитален луксузен клима уред, камера за возење наназад, сензори за паркирање… многу елементи кои го прават патувањето посебно доживување.
Што се однесува до агрегатот, тој е познатиот 220 CDI со 170 КЅ и вртежен момент од 350 Nm. Горивото се вбризгува под висок притисок во работниот волумен од 2.143 кубни сантиметри, а за негово најоптимално согорување во четирите цилиндри се грижи Start-Stop & Co. системот Blue Efficiency. Движењето низ градските средини може да биде изразито динамичnо, но исто така и парадно. Вториов начин очигледно е во поблиска хармонија со луксузниот карактер на возилото. На моменти спортски бучниот дизел како да сака малку да го расипе впечатокот, но сепак при возењето доминантно е чувството за рафинираност. Излегувањето на автопат ни дава до знаење дека сепак поседува речиси спортско срце кое знае убаво и да „повлече.
Првата стотка ја фаќа за 8,2 секунди, притоа глатко забрзувајќи до максималните 230 km/h. За долгите неуморни патувања во стилот на Mercedes заслужни се рекордно големото растојание помеѓу оските од 2,69 метри и капацитетното подвозје. А, ако сте подготвени дел од угладеноста да ја жртвувате во корист на малата потрошувачка на дизелскиот агрегат, тогаш жртвата ќе ви биде надоместена со навистина бавно празнење на 50-литарскиот резервоар. Декларираната просечна потрошувачка е 4,2 литри.
Mercedes CLA во Македонија
CLA 180 28.970 евра
CLA 200 31.970 евра
CLA 250 7G DCT 40.350 евра
CLA 200 CDI BE 32.980 евра
CLA 220 CDI 7G DCT 38.900 евра
Текстот е објавен во соработка со АвтоПлус