Секој одмор може да биде речиси совршен, но никогаш совршен. При секое патување нешто може да тргне наопаку… Без разлика колку и да е ситно тоа нешто, никогаш не треба да потпаднете под влијание на митовите, туку потпрете се на проверени информации.
Не ставајте путер на изгореници од сонце
Не постои ниту една научна индикација дека путерот ги намалува негативните ефекти од изгорениците од сонце. Многу подобра алтернатива е студено кисело млеко, а оптимален домашен лек за ублажување на болките при изгореници од сонце е кршен мраз измешан со обично млеко.
Не можете да се разболите од претерана изложеност на климатизери
Овој мит потекнува од почетоците на минатиот век, кога се шпекулирало дека ниските температури ја надразнуваат слузокожата во носната празнина и со тоа ја намалуваат отпорноста на инфекции. Денес е познато дека не можете да настинете од студ, туку само и единствено со префаќање на инфекција од носител на вирусот. Единствена негативна последица од климатизерите може да биде влошување на алергиските реакции, доколку постои мувлија во филтрите. Од оваа причина тие треба постојано да се чистат.
Морската вода не ги залечува раните
Иако докторите користат раствор со солена вода за санирање на раните, тој се приготвува со точно определени дози на сол и дестилирана вода. Од друга страна, морската вода содржи голем број на бактерии и други микроорганизми, кои всушност можат дополнително да ги иритираат раните. За чистење на рани и исекотини користете обична, чиста вода (најчесто онаа од чешма е во ред) и послаб сапун.
Можете да пливате по јадење
Овој мит потекнува од претпоставката дека по оброк мускулите не функционираат со „полна пареа“, затоа што организмот е зафатен со разградување на храната. Тоа едноставно не е точно. Фактот стои дека ако се прејадете вежбањето нема да ви биде удобно и може да доживеете мачнина, но лесното пливање по нормален оброк не би требало да ви предизвика посериозни потешкотии.
Текстот е објавен во соработка со Iguana.mk