Со продажбата на 435 нови возила во текот на првиот месец од годинава, евидентиран е пораст во однос на истиот период лани за 13,28%, но тоа е далеку од реалноста, бидејќи овде се нотирани оние 150 возила кои сега ги вози полицијата.
Во текот на јануари годинава продадени се вкупно 435 возила, што претставува пораст од 13,28 % во споредба со оствареното во истиот месец лани. Но, ова не е ни најмалку реална слика за збиднувањата на македонскиот автомобилски пазар, кој продолжува со својата агонија. Имено, во извештаите за продажбата за јануари се вкалкулирани оние 150 возила Škoda Yeti, кои беа испорачани на Министерството за внатрешни работи, па тоа ја крева бројката. Доколку не би биле овие возила тогаш би имале многу пониска бројка од оствареното во јануари, во и онака оценето – бледата 2012 година, кога беа продадени 384 возила. Останува фактот дека „доколку не се тендерите“ реално продажбата на нови возила на македонскиот пазар е крајно загрижувачка. Не треба повторно да потенцираме што претставува оваа стопанска гранка, која реално е во криза, а за македонската економија и те колку придонесува, со своите дејности, бројот на вработени, ангажирани фирми…
Најдобро продаваната марка од лани, Volkswagen, во првиот месец од 2013 поради пласманот на Шкодините возила, мораше да го отстапи приматот на својата „сестра“ од Концернот, која имаше вкупен пласман од 176 единици. Брендот Škoda бележи извонредни резултати на глобално ниво, па и да не беа оние 150 возила за МВР, ќе имаше солидно остварување за јануари и кај нас. Volksvagen продаде вкупно 62 возила, а зад него, иако на табелата блиску, според оствареното далеку се Ford со 21, Citroen со 17, Fiat и Kia со по 16 продадени единици.
Што се однесува до моделите, како што веќе апострофиравме, најдобро се продаде Škoda Yeti со 155 единици. Дури три модели на концернот Volkswagen се и на почетокот на оваа година во топ пет најпродавани, само Опеловата Astra им ги „мати“ сметките. Лидерот од минатата година кај нас, согласно побарувањата и во Европа, седмата генерација на Golf, се продаде во јануари во 18 парчиња, а неговиот поголем брат Passat во 13. Опеловиот бестселер Astra, пред се поради атрактивната цена на својата класик верзија е четврти со 10 продадени автомобили. Škoda Octavia само го надополни големиот скок на брендот со своите седум продадени единици.
Импортерите велат дека работат на ивица на егзистенција. Доколку не се смени нешто во политиката на увоз на стари автомобил, нема да се поправи ситуацијата, бидејќи заработувачката е минимална, како велат самите работат „на бандаж“!? Од друга страна останува прашањето „зошто државата упорно ја потиснува екологијата, безбедноста во сообраќајот, напредокот во технологијата, пратењето на светските трендови“?
Текстот е објавен во соработка со Авто Плус.