Македонски автомобилски пазар 2012: Најлошо во последните 10 години!

Минатата година во Македонија се продадени вкупно 4.816 возила (патнички и комерцијални), што гледано низ бројки претставува најлош биланс во последниве десетина години.

Во однос на оствареното во 2011 година евидентиран е пад од 30,62% (6.941).Само во сегментот на патнички возила во 2012 се пласирани 4.099 возила, или негатива од 40,16% во однос на преклани и е далеку од прогнозите на експертите дека сепак годината ќе заврши со над 5.000 продадени единици. Ова е далеку под рамништето на досега најдоброто остварување од 2008 година, кога на македонскиот пазар беа регистрирани 17.744 нови возила.

Причини за ваквиот катастрофален пад има повеќе, но во преден план се дозволениот увоз на стари автомобили кои задоволуваат веќе заборавени Еуро 2 норми и стандарди, недостатокот на стимуланси(субвенции) од државата, како и економската криза која ја стега целата Европа, а не ја одбегна ни нашата држава, па како последица на тоа ослабената куповна моќ на граѓаните. Но, статистички гледано бројката на внесени автомобили во текот на 2012 и не е така лоша. Сметајќи ги старите и нови автомобили во Македонија, согласно податоците на Царинската управа на Република Македонија, во текот на 2012 година во државава се увезени 35.283 возила. Тоа е далеку помалку во однос на 2011, или пак на 2010 кога Владата донесе одлука за увоз на половни возила кои беше доволно да ги задоволат Еуро 1 нормите, но сепак е висока бројка. Според овие сондажи бројот на употребувани автомобили годинава е 28.546 и ако добро се погледне статистиката наместо да се намалува, согласно истата, увозот на половни автомобили во континуитет се зголемува. Приказните за тоа дека старите возила „висат“ по плацовите или пак препораките дека истите тие се важен елемент во загадувањето на околината, особено во главниот град, не влијаат на одговорните структури, па евентуалните најави за воведувањето на построгите Еуро 4 норми или некои измени во законските регулативи, засега ќе причекаат!

Според некои неофицијални статистики минатата година, да не биле тенедерските побарувања, бројката на продадени нови возила би била драстично помала. Така, по пат на разни огласи за набавки и тендери импортерите лани понудиле над 60% од вкупната бројка на ново продадени возила.

ПРОДАЖБА ВО МАКЕДОНИЈА ВО ПОСЛЕДНИТЕ 10 ГОДИНИ

Многу анализи се веќе правени на оваа тема, но нема некое фајде, а секако треба посебно да се апострофира дека голем свој данок зема и кризата, па сега и не може да им се замери на оние кои сепак „прикрпиле“ некој денар и се обидуваат да стигнат до автомобил, кој мора да посочиме дека посебно овде кај нас одамна е само насушна потреба, а далеку од тоа луксуз. Потврда за тоа е фактот на продадените возила по сегменти. Ако до пред некоја година во преден план беа возилата од В-сегментот, односно субкомпактите, пред се поради прифатливата цена сега работите комплетно се изменија. На пазарот се нудат компакти, што ценовно се за нијанса поскапи од помалите изведби, а како што рековме и поголемата потреба од овој вид на автомобили, па ова е класата каде има и најголем број на продадени единици. Лани во овој сегмет се продадени вкупно 1.226 возила, што претставува 30,2 % од вкупниот пазар, а и претставниците од истиот се на водечките позиции на најпродаваните. Натаму следат компактите со 1.036 (25,5%) и интересно, како и во светот, се попопуларните SUV изданија, со 637 единици (15,8%). Ако се направи анализа и на употребуваните возила, компактите се во преден план.

Што се однесува до брендовите и лани кај нас на првата позиција заврши Volkswagen, лидерот од последните неколку години, со продадени 730 единици. На втората позиција благодарејќи на добрата понуда на комерцијалните возила е Fiat со 434, пред вториот по вредност во германскиот Концерн, Škoda со 322, Citroen 302 и Renault 291. Бестселерот на Volkswagen, моделот Golf претрпе успешна трансформација од шестата во седмата генерација и со 258 е апсолутен лидер. Натаму следи Опеловата Astra која има мошне успешен пласман со својата Clasic изведба со 176, потоа VW Polo со 134, VW Passat 128 и Škoda Fabia 122 продадени единици.

Многу на арно не се пишува и за другата година доколку не дојде до некои промени. Светот чекори кон сосем поинакви димензии, во сила се Еуро 6 нормите, се е поголем бројот на сопственици на хибридни возила, а за неколку години се претпоставува дека ќе имаме вистинска електромобиломанија. Ние, толку желни за Европа, застанавме кај Еуро 2 нормите!?

Оствареното во декември

Што се однесува до продажбата во текот на последниот месец од 2012 година на пазарот беа пласирани 301 возило, што претставува пад во однос на истиот период во 2011 (503) од 40,16%. Со години наназад ова беше бездруго најуспешниот месец на ова поле, но овде навистина работите се предимензионираа и не е ни од блиску како што беше. Во текот на 2012 најдобро се продаваше во текот на јули кога беа регистрирани 432 возила.

НАЈПРОДАВАНИ МАРКИ ВО 2012 ГОДИНА

Во декември најуспешен бренд беше Volkswagen со 51 продадено возило, пред Fiat 39, Citroen 35, Mitsubishi и Peugeot со по 33. Кај моделите и покрај промената на генерацијата, Golf е беспрекорен со 17 единици, пред Astra со 11, Citroen C1 и Fiesta со по 10, а прв пат во самиот врв е изведбата на кинескиот Great Wall, моделот Vollex со 9 возила.

НАЈПРОДАВАНИ МОДЕЛИ ЗА 2012 ГОДИНА

 

Текстот е објавен во соработка сo Авто Плус

 

 

- Реклама -