Audi подготвува спортски предводник – R20

Audi подготвува одговор на Mercedes SLR, Bugatti Veyron и McLaren F1. Новата ѕверка достоинствено ќе го носи амблемот со четирите прстени.

Претходно се сметаше дека соодветен за таа улога е моделот Audi e-tron, но очигледно одговорните од Инголштат сметаат дека поинаков автомобил треба да ја носи кралската круна на брендот. Како што истакнува шефот на развојот на Audi, Волфганг Дорхајмер, се работи на варијанта за нормална патишта со користење на максимален број елементи од шампионскиот болид Audi LeMans LMP1. Најверојатно „обичната“ опција ќе ја носи ознаката R20 и во целост ќе му конкурира на супермоделот Bugatti Veyron. Се смета дека Audi ќе користи за R20 хибриден погон со дизелски мотор V6 со двојно турбо и два електрични мотори со вкупна моќност од 700 КЅ и максимален вртежен момент од 1000 Nm.

Секако, типично за марката, погонот ќе биде на четири тркала – дизелот ќе се грижи за задните, а за секое предно тркало ќе се грижи по еден од електромоторите. Ваквиот систем ќе овозможи прераспределување на вртежниот момент, со можност за движење само на струја и активирање на комбинацијата по потреба.

На изглед R20 ќе личи тркачкиот автомобил, со што ќе се намали времето потребно за развој. Внатрешноста нема да е толку луксузна како онаа на Bugatti Veyron, туку дизајнот ќе биде спортски ориентиран. Седиштата се со активно обликување на контурите и со интегрирани ремени со четири точки, а на располагање на возачот ќе е и систем за кружно набљудување (околу возилото).

Се претпоставува уште дека производството на R20 ќе биде во лимитирана серија од 100 дo 250 парчиња, а дебито на автомобилот најверојатно ќе се случи за време на познатиот конкурс на луксузни, уникатни и спортски автомобили во Пибл Бич, Калифорнија.

131

- Реклама -