Порано или подоцна сите модели на Mini добиваат модификација John Cooper Works. Ова правило не го одмина и компактниот кросовер Paceman, кој имаше свое деби оваа година.
Според англиските медиуми набилданата верзија на моделот треба да се појави на пазарот во втората половина на 2013 година Таа ќе може да смета на 1.6 литарски бензински турбо мотор со моќност од 218 КЅ и 280 Nm вртежен момент (300 Nm во режим Оverboost). Засега не се соопштуваат динамичките карактеристики на машината, но со истиот мотор Countryman JCW забрзува од 0 до 100 km/h за 7 секунди, а максималната брзина му е 225 km/h.
Промените ќе има, исто така, во изгледот и ентериерот на кросоверот. Во споредба со стандардниот Paceman амортизацијата е модифицирана, а целосно нови се предниот и задниот браник, како и цевките на издувниот систем. Во внатрешноста ќе има спортски седишта со црвен раб, како и лакирани елементи на вратите и панели. Праговите се украсени со логото John Cooper Works.
Стандардниот Mini Paceman се нуди со два бензински турбо мотори, со моќност од 122 и 184 КЅ, а трансмисијата е преку 6-брзински мануелен и автоматски менувач.