Еден од моторите кои го привлече нашето внимание на саемот EICMA во Милано беше производот на компанијата Over, наречен Brutus.
Ѕверот засега е во пред-продукциска фаза, но според зборовите на надлежните веќе следната година Brutus ќе влезе во сериско производство. Иако наликува на набилдан крос мотор, концептот и намената на Brutus е возење по површини (ситен песок, кал, вода, снег…) на кои е тешко да се помине со било каков друг мотор легален за улично возење, а истовремено тоа да биде забавно за возачот.
Не ни беше дозволено да седнеме на моторот, но според габаритот не се работи за мотор со кој лесно ќе се управува. Сепак според дизајнерот на моторот, Александро Тартарини (поранешен дизајнер на Lambretta и син на сопственикот на Italjet), големите тркала од Maxxis не се пречка или потешкотија, туку напротив ќе помогнат во полесното управување со Brutus.
Зад огромниот рам се крие агрегат со зафатнина од 750цц кој развива 49кс, тежината не беше наведена во техничката спецификација, ниту пак сакаа да ни ја откријат, само нѐ уверија дека оние 49кс без проблем ќе го движат моторот.
Она што е интересно за Brutus е дека за него ќе се произведува и зимски кит кој вклучува скии наместо предното тркало и гасеница на местото од задното. Дополнително, за Brutus ќе можете да нарачате рол-барови, сајла за влечење и генератор, но она што нѐ изненади е најавата за странична приколка, која да бидеме искрени, не можеме ни да замислиме како ќе изгледа на масивниот Brutus.