ДУИ бара оставка од претседателот на Уставниот суд: „Ваквите случувања не треба да се толерираат под никакви околности“

ДУИ денеска соопшти дека „силно ги осудува последните случувања во Уставниот суд“, каде, како што велат, „моноетничките интервенции во повеќеетничка држава создаваат опасен преседан“.

Одлуката за продолжување на процесот на проценка на уставноста, и покрај бојкотот од судиите од албанската и турската заедница, претставува загрижувачки показател за недостаток на почит кон еднаквоста и меѓуетничката хармонија, велат „интегративците“, но, велат, прес-конференцијата на претседателот на Уставниот суд – Дарко Костадиновски, била „кулминација на неприфатливоста“.

„Реакцијата на Претседателот на Уставниот суд на прес-конференцијата ја означува кулминацијата на неприфатливоста. Прашан од новинар за недостигот на албанскиот јазик на таблата зад него, и покрај фактот што законот за употреба на јазиците е во сила, Претседателот изјави дека ‘знае дека законот е во сила, но не му се допаѓа законот’. Таквата изјава е скандалозна и целосно неприфатлива!.

Прочитајте и:  Петрушевски: Не е доволно Груби да си замине од политика, треба и да ги врати парите за кои се сомничи за криминал

Лице кое отворено изразува несогласување со законите во сила и применува двојни стандарди на толку важна позиција како Претседател на Уставниот суд, не може да биде достојно за да продолжи со должноста. Неговото однесување ја поткопува не само довербата на граѓаните во институциите, туку и основните принципи на демократијата и меѓуетничката еднаквост“, велат од ДУИ.

Од овие причини, порачуваат од партијата, тие повикуваат на итна оставка на Претседателот на Уставниот суд.

„Ваквите случувања не треба да се толерираат под никакви околности, а институциите треба да дејствуваат за да го гарантираат почитувањето на законот и вредностите на меѓуетничката еднаквост“, се додава во соопштението.

- Реклама -