Николоски: Митот за Ахмети се потпираше на три столба и сите им пропаднаа за неколку месеци опозиција

Провидна политичка игра со оглед на тајмингот кога после пет години судиите го ставаaт Законот за употреба на јазиците на дневен ред и токму кога СДСМ и ДУИ се во опозиција, оцени министерот и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ – Александар Николоски, во „Само интервју’’ на Канал 5 телевизија, за протестите на ДУИ пред Уставниот суд.

-Ова е една провидна политичка игра, ние кои што сме поискусни во политиката, јасно ја читаме играта. Овде кадија те тужи, кадија те суди, сакаше ДУИ да прави, од една страна да создаваат проблем, од друга страна да го решаваат проблемот и на тој начин да пробуваат да изигруваат спасители на Албанците од една страна, а од друга страна некакви си гарантори на стабилност во државата, истакна Николоски.

Николоски рече дека на ДУИ им одговара прашањето со Уставниот суд да трае четири години и така би биле најсреќни, бидејќи како што вели, зелената агенда им пропаднала, а тие не биле по работењето, туку по полнење на сопствениот џеб.

-Зелената агенда им пропадна, нели истрчаа еднаш низ планина во зелени маици со Мерко напред. По проекти нешто не се многу, еве ги гледам јас во мојот ресор како работеле проекти, односно не работеле единствено ги интересирало да си наплатат. И единствената точка која што им останува за која што можат да зборуваат се етнички тензии, кои што според нивната филозофија тие би ги создавале и тие би ги решавале, вели Николоски.

Тој кажа дека има три столба за митот за Ахмети на кој што тој се држел, но оти тој пропаднал за само неколку месеци во опозиција.

-Првиот беше дека е чесен, со последните случувања во последните година и пол – две, и скандалите кои што главно јавноста ги извади, но и ВМРО-ДПМНЕ тој мит падна. Вториот мит беше дека прави што прави, секогаш е во Влада, еве не е, нагласи Николоски.

Тој при тоа додаде дека Ахмети, вели, ги лажел неговите членови дека за три или шест месеци ќе влезат во Влада, па ќе имало избори локални заедно со парламентарни, но вели, ништо од тоа не се случило.

-Третиот мит кој што веќе од вчера се руши е дека прави што прави, ги штити своите луѓе. После она што го напиша Артан Груби вчера, јасно е дека и тој мит ќе се сруши. Така што, трите столба на кој што ја градеше својата политика, ако сакате и митот кој го изгради околу себе, паѓаат, појасни Николоски во однос на изјавата на Груби за повлекување од јавниот живот по неговото ставање на „црната листа“ на САД.

Тој смета дека однесувањето на лидерот на ДУИ, Ахмети е целосно неодговорно.

-Многу е лесно да градите мит за некого, кога не се нафаќа на извршна власт. Каков е тој политичар, кој што оди на избори, како прв, и после тоа не се нафаќа на извршна власт, пушта други таму, а тој седи во Собрание и во Мала Речица. Извинете, ама тоа е неодговорно однесување, посочи Николоски.

- Реклама -