Законот за употреба на јазици мора да биде поништен, а уставните судии да покажат кредибилитет и да не подлегнуваат пред политичките притисоци и барања, макар доаѓале и од власта, порача на Фејсбук претседателот и пратеник на Левица – Димитар Апасиев.
Во својата објава тој наведе неколку формално-правни причини кои, според него, се доволни за поништување на тн. „Закон за јазици“ со кој, како што вели, на истиот постоечки Устав, после 20 години, „илегално и насилно се вовела противуставна двојазичност“.
„Од стручен аспект, формално-правните причини (без да навлегуваме во материјална расправа) се следниве:
1. Законот е прошверцуван во Собранието, спротивно на Деловникот, со фрлање на амандманите на опозицијата во корпа;
2. Законот го нема потребното квалифицирано 2/3 мнозинство кое го бара Уставот за регулирање на судски постапки;
3. Пробиени се преклузивните уставни и законски рокови за промулгација;
4. Указот за прогласување на „законот“ го нема потребниот врзан потпис на Претседателот на Републиката и е објавен во „Службен весник“ спротивно на закон (што е без преседан во досегашната наша уставно-правна историја);
5. Законот е спротивен на меѓународното право и на тоа укажува Венецијанската комисија (составена од експерти по уставно право) при Советот на Европа!“, наведе Апасиев.
„Оттука, уставните судии мора да покажат кредибилитет и правно знаење, а не да бидат уплашени пред налетот на необалистичките пискотници!
Оти, како што вели професорот од Универзитетот во Гент – Ван Кенеген: ‘Па, каква корист имаме ние од судиите ако тие можат да бидат принудени да се сложат со незаконските барања на власта, која е парализирана од класна привилегираност и нема сили да ја скрши ‘кората од обичаи’, со цел да го модернизира и оплемени правниот систем’!?“, напиша лидерот на Левица.