Руските власти денеска го повикаа германскиот амбасадор во Москва на разговор во знак на протест против отворањето на нова база на НАТО во Балтичкото Море, чија цел е да ги координира силите на земјите-членки во зоната во близина на Русија.
„Амбасадорот на Германија во Москва е повикан во руското Министерство за надворешни работи и му е упатен силен протест“, се вели во соопштението на руската дипломатија.
„Вашингтон, Брисел и Берлин мора да знаат дека проширувањето на воената инфраструктура на НАТО на територијата на поранешна Источна Германија ќе има најнегативни последици и нема да остане без одговор“, се додава во соопштението.
Според Москва, ваквиот пристап на германските власти „е продолжение на тивката ревизија на резултатите од Втората светска војна и милитаризацијата на земјата“.
Руските власти сметаат дека се прекршени одредбите од Московскиот договор од 1990 година, со кој се воспоставува меѓународниот статус на Германија по нејзиното повторно обединување и се забранува стационирање и распоредување на странски сили на територијата на поранешна ДДР.
„Побаравме итни и детални објаснувања од Берлин“ за отворањето на овој штаб на НАТО, соопшти руското Министерство.