Европратениците го одобрија заемот на ЕУ за Украина вреден 35 милијарди евра

Европскиот парламент на денешното заседание во Стразбур со 518 гласа „за“, 56 „против“ и 61 „воздржан“ го одобри новиот пакет за макрофинансиска помош за Украина, наречен Украинскиот механизам за заемна соработка, кој предвидува исплата на заем за земјата во износ до 35 милијарди евра.

Заемот е дел од пакетот договорен на ниво на Г7 во јуни годинава за финансиска помош за Украина во вкупен износ од околу 45 милијарди евра (50 милијарди американски долари). Сумата што ќе ја исплати ЕУ би можела да биде и помала во зависност од висината на заемите што ќе ги доделат другите партнери на Унијата од Г7.

Предвидено е сервисирањето и отплатата на заемот да се врши од идните приходи од профитите од замрзнатите средства на руската Централна банка во ЕУ. Средства од позајмицата ќе и се исплаќаат на Украина до крајот на 2025 година.

Исплатата на средствата од заемот е условена со „континуирана посветеност“ на Украина на одржувањето на ефикасни демократски механизми, почитување на човековите права и спроведување на условите утврдени во Меморандумот за разбирање.

Пред гласањето, известувачот за ова прашање, шведската либерална европратеничка Карин Карлсбро изјави дека во услови кога Украина продолжува да се спротивставува на руската агресија и нејзините храбри граѓани се борат не само за сопственото опстојување и слобода, туку и за одбрана на демократијата, човековите права, слободата и меѓународното право за сите, потребна и е огромна и итна финансиска поддршка.

Прочитајте и:  „Фајненшл тајмс“: Русија регруирала стотици Јеменци во војната против Украина

– Русија мора да плати за нападот врз Украинците и бруталното уништување на инфраструктурата, градовите, селата и домовите во земјата. Товарот на обновата на Украина ќе го понесат одговорните за нејзиното уништување, односно Русија, нагласи Карлсбро.

Украинскиот механизам за заемна соработка веќе го поддржаа земјите членки на Унијата и по неговото одобрување во Европскиот парламент, потребно е уште формално усвојување од страна на Советот на ЕУ. Регулативата за Механизмот ќе стапи во сила следниот ден по нејзиното објавување во Службениот весник на ЕУ.

Европската комисија минатиот месец најави дека ќе и одобри заем на Украина во износ до 35 милијарди евра, како дел од планот за финансиска помош на Г7, што ќе биде финансиран од замрзнатите руски државни средства. Одлуката за исплатата на заемот уследи откако земјите членки на ЕУ се согласија за користење на профитот од замрзнатите руски средства за воени поддршка и обнова на Украина.

По руската агресија на Украина во февруари 2022 година, ЕУ замрзна приближно 210 милијарди евра средства од Централната банка на Русија што се наоѓаа во европските земји.

- Реклама -