Шолц: ЕУ е целосна само со Западен Балкан

Европската Унија е целосна само ако Западен Балкан е нејзин дел, а земјите од регионот треба да преземат дополнителни чекори кон заедничка иднина, изјави германскиот канцелар Олаф Шолц на отворањето на средбата на лидерите на земјите од Западен Балкан и претставници на Европската унија во рамките на Берлинскиот процес.

Шолц нагласи дека сите знаат колку регионот на Западен Балкан сè уште е обликуван од конфликтите од минатото и дека е време тие да се надминат и регионот да се насочи кон иднината.

– Затоа сакам да им порачам на нашите пријатели од Белград и Приштина да не дозволат минатото да ги врати назад од патот кон мирна и просперитетна иднина. Сè уште сум уверен дека таа иднина лежи во ЕУ, а единствениот пат до таму е целосната имплементација на постигнатите договори. Посветени сме на решавање на билатералните прашања во духот на соработка и со мирољубиви средства. Тоа е она за што се залага Берлинскиот процес, потенцираше Шолц.

Прочитајте и:  Вучиќ за Би-Би-Си: Никогаш не сме го признале Косово, нормализацијата значи дека го чуваме мирот

Тој ја пофали и деблокадата на ЦЕФТА-договорот за слободна трговија, бидејќи тоа, како што рече, овозможува активирање на неколку други договори, како договорите за работни дозволи и патеките на е-трговија.

– Деблокадата на ЦЕФТА-договорот не е единствената одлука што ќе ја донесеме денеска. Ќе потпишеме и два документи што ќе им го олеснат секојдневниот живот на луѓето. Едниот од нив е новиот акциски план за заедничкиот регионален пазар, кој претставува основен документ за понатамошно продлабочување на економската интеграција. Ова ќе ја направи прекуграничната работа помалку комплицирана и значително ќе ве приближи до стандардите на ЕУ, додаде Шолц.

- Реклама -