Касами: Ќе работиме на решавање на билатералниот проблем со источниот сосед, за да го фатиме чекорот со Албанија кон ЕУ

Претседателот на Движењето БЕСА и градоначалник на Општина Тетово, Билал Касами, денеска изјави дека како коалиција и владина и како ВЛЕН, ќе работат сериозно на побрзо решавање на билатералниот проблем со Бугарија, за земјата поскоро да ги отвори пристапните преговори, и да го фати чекорот со Албанија.

-Ние би сакале одлуката да беше заедно со нашата држава, но сигурно дека го поздравуваме овој чекор, ако се потврди  дека тоа е официјална одлука на институциите во Брисел. Сигурно дека како коалиција – и како владина и како коалиција ВЛЕН, ќе работиме сериозно билатералниот проблем со нашиот источен сосед што побрзо да се разреши и побрзо и Македонија да ги отвори пристапните преговори, односно поглавјата и да го фатиме чекорот со Албанија. И заедно со двете други земји кои веќе работат на поглавјата да бидеме првите земји до 2030-та кои ќе бидат рамноправни членки на ЕУ, рече Касами на новинарско прашање како го коментира одвојувањето на Тирана од Скопје на патот кон ЕУ пред форумот за Проектот на УСАИД за зајакнување на капацитетите за искористување на ресурсите.

Прочитајте и:  Македонија и ЕУ потпишаа Договор за партнерство за безбедност и одбрана

Како што потврди денеска унгарското претседателство со Советот на ЕУ за МИА, КОРЕПЕР донесе одлука Албанија на 15 октомври да го започне преговарачкиот процес за членство во ЕУ по поглавја, со отворање на преговорите по Кластерот 1 – „Основи вредности“.

– Можеме да потврдиме дека Корепер се согласи да продолжи со процесот на пристапување на Албанија во ЕУ, изјави за МИА портпаролката на унгарското претседателство за Корепер, Ана Атанасов.

Со ваквата одлука Албанија практично ќе биде раздвоена од земјава на патот кон членство во ЕУ, иако досега двете земји се движеа во пакет во пристапниот процес. 

- Реклама -