Стано: Што и да изјави Путин тоа нема да го промени ставот на ЕУ за поддршка на Украина

Што и да изјави рускиот претседател Владимир Путин, тоа нема да ја промени позицијата на ЕУ за поддршка на Украина, изјави денеска главниот портпарол на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Петер Стано.

– Путин постојано дава непријателки насочени коментари и покрај фактот дека тој ја започна војната против Украина и со тоа ги нападна и сите модерни европски и западни демократии. Тој не само што ја напаѓа Украина, туку ги напаѓа и принципите на вредностите во кои што веруваме, го напаѓа меѓународното право и го напаѓа светот базиран на правила, прекршувајќи ја Повелбата на ОН. Тој започна војна против сите нас, истакна Стано во одговор на новинарски прашање дали е можна промени позицијата на ЕУ кон Киев по изјавата на Путин дека ако Западот и дозволи на Украина напади со нивни ракети со голем дострел врз руска територија тоа би значело дека „земјите на НАТО се во војна со Русија“.

Стано нагласи дека ништо нема да ја промени позицијата на ЕУ за поддршка на Украина која се бори храбро против инвазијата и плаќа висока цена за тоа.

Прочитајте и:  Руски борбени авиони, НАТО системи, американски хотели... Специјалните барања на Путин ја одложуваат неговата посета на Турција

– Се додека трае илегална агресија врз украинскиот народ, ние ќе продолжиме да ја поддржуваме Украина, вклучително и со воена поддршка, додаде Стано.

Според него, ставот на некои земји членки на ЕУ за укинување на забраната за употребата на оружјето што тие и го донирале на Украина за напади врз руска територија е индивидуална одлука на секоја држава.

– Забелешките на Путин нема да ја променат нашата позиција се додека тој ја продолжува неговата илегална агресија врз Украина, напаѓајќи не, исто така, и нас во западниот демократски дел од светот, заклучи Стано.

Путин вчера изјави дека ако Западот и дозволи на Украина напади врз руска територија со ракетите со голем дострел што тие и ги донирале, тоа би значело оти „земјите-членки на НАТО се во војна со Русија“.

– Ако ова одлука биде донесена, тоа би значело директно вклучување на земјите на НАТО во војната во Украина и тоа би ја сменила природата на судирот, истакна Путин.

- Реклама -