Путин го назначи својот поранешен телохранител за командант на одбраната на Курск

Рускиот претседател Владимир Путин назначил еден од своите поранешни телохранители за раководител на операцијата против украинското навлегување на руска територија, пишува британскиот весник „Дејли Телеграф“.

Алексеј Дјумин, кој лично го обезбедувал Путин за време на првите два мандата, се смета за најверојатен наследник на лидерот на Кремљ. Тој е именуван за „куратор на операцијата за ослободување на областа Курск“, информираат руски воени блогери, цитирани од „Дејли Телеграф“.

„Назначувањето на Алексеј Дјумин како висок претставник со целосни овластувања за справување со оперативната криза во Курската област е знак дека безбедносните структури не се способни да ги решат проблемите и сами да се координирааат без интервенција од Москва“, пишува познатиот руски воен блогер со прекар „Рибар“ на апликацијата Телеграм.

Дјумин стана познат откако го спаси Путин од мечка во првата деценија на овој век. Во интервју за рускиот весник „Комерсант“ во 2016 година, Дјумин раскажа дека мечката се приближила до стаклената врата на вилата каде што спиел Путин.

Прочитајте и:  „Фајненшл тајмс“: Руската морнарица е обучена да напаѓа цели во Европа

„Се гледавме очи в очи со животното, кое малку се повлече. Тогаш ја отворив вратата и го испразнив скоро целиот шаржер од пиштолот во нејзините нозе. Ми беше жал за мечката“, изјави Дјумин. Мечката си заминала, а Путин го засипал телохранителот со пофалби.

Дјумин бил и заменик-директор на Главното разузнавачко управување (ГРУ), а се смета дека во 2014 година ги предводел специјалните сили при анексијата на Кримскиот полуостров. Во 2016 година Путин го назначува за гувернер на Тулската област. Во мај годинава, тој повторно е повикан во Москва за да го предводи Советот за безбедност.

Веста за неговото назначување на чело на одбраната на Курската област беше потврдена за англиското интернет издание „Москоу Тајмс“ од страна на пратеникот во руската Дума, Николај Иванов.

„Алексеј Генадиевич Дјумин вчера беше повикан и овластен да ја води контратерористичката операција“, изјави Иванов за приватната рускојазична телевизија RTVI, пренесува „Москоу Тајмс“.

- Реклама -