
„Ова е најголемото македонско дерби, како и на Балканот. Играме дома, се надеваме на полна сала, добра атмосфера од навивачите и да продолжиме со победите. Ова е маратон, има уште многу до крајот на сезоната, ама секој бод многу ни значи. Ние ги знаеме нашите цели за крај. По Охрид, сега играме домашно дерби со Пелистер, ќе има многу емоции и ќе биде тешко. Очекуваме добра игра, фаворити сме и да ја сумираме првата четвртина од сезоната со победа над ривалот. Вардар секогаш дома е фаворит во мојата глава. Така сме се поставувале секогаш, тоа ни е ДНК на клубот. Така беше и кога играв, во својата сала никој не може да е фаворит против нас без разлика на големината на противникот. Кој и да дојде во „Јане Сандански“ треба да знае дека тука тешко се победува, поради тоа мислам дека мора да го сфатиме тоа како привилегија и притисок да победуваме секогаш. Оваа сала и навивачи тоа го очекува од нас и мора да продолжиме на тој начин. Победничкиот дух во овој тим е присутен. Барем јас откако дојдов тука, една од првите работи ми беше амбициозноста на соблекувалната. Секогаш сакам да имам тим кој сака да победува, да се подреди на клубот и резултатите. Јас како тренер покажав дека се мора да е пострана, се во служба на клубот. Како јас, така и играчите покажуваме секој ден дека може да се работи така, тим кој секогаш сака да победува и ги става клупските интереси пред своите.
Многу ми е мило да играме со најдобрите, големи натпревари и во силен ритам. Така се добива на квалитет, се напредува и се воигрува. Такво нешто се добива само во големите средби или во македонските дерби дуели. Сакам моите играчи да знаат дека нема време за опуштање. Не можеш да се подготвиш во припремите како што можеш низ натпревари, особено во овој ритам. Мислам дека тоа ни е нашата предност пред Пелистер. Втората е секако „Јане Сандански“, тука и поголеми тимови од Вардар и Пелистер играле тешко.
Пред се, сакам да нагласам дека многу го почитувам Лино. Тој е најтрофеен хрватски тренер во историјата. Искусен тренер кој мина се во животот, од најлошо до најдобро. Немам некое посебно чувство, тоа не е поради Лино, но не од непочитување туку – неважни се Лино и Иван, важно е само Вардар да победи в недела. Ние сме тука само за да помогнеме тимот да остане каде што му е местото. Не сакам да говорам за други клубови и тренери, секој има своја математика и тактика. Кога дојдов тука се поставив од прв ден дека сакам модерен и брз ракомет, со многу ротација, транзиција. Мене тој тип ми се допаѓа како тренер и сметам дека тоа е иднината. Во европскиот крем многу клубови како Фуксе, Барселонапокажуваат дека не се добива меч само со напад или одбрана, туку многу значи и брзината, транзицијата. Јас се обидов тоа да го наметнам тука, стил како Вардар да игра. Играчите го прифатија тоа и покажавме дека можеме. Нема да ни одговара бавниот ракомет, играта на малку голови и со бавно темпо. Сепак, кога и да треба и на тој начин, имаме квалитет и психологија да се прилагодиме на било кој тактички аспект на било кој противник. Имам визија како Вардар треба да игра, не се откажувам од своите постулати. Сепак, за секој ривал подготвуваме индивидуални и колективни промени. Така ќе биде и за Пелистер, ќе подготвиме нешто што досега не го виделе, не откажувајќи се од нашата типична брза игра, со зона „шест-нула“, нема отстапување ниту милиметар. Респект кон противникот, така мора да е на секој натпревар“, изјави тренерот на Вардар.
Пред натпреварот своите очекувања ги изнесе и еден од капитените Васил Гогов, кој кажа:
„Нè очекува најголемото балканско дерби. Ќе биде тежок натпревар, не само за да го одбраниме првото место, туку и за енергија, мотивација и задржување на добрата атмосфера, како и одбраната . Минавме тежок месец зад нас со многу натпревари и тренинзи. Заморот е присутен, ама сето тоа се остава зад нас на вакви средби. Ќе дадеме максимум пред, се надевам полна сала. Кога и да доаѓа дербито, емоциите се на високо ниво. Овој натпревар за мене ќе биде посебна, првпат како капитен и се надевам на победа. Победник е тој што ќе даде повеќе голови, ама според мене титули се освојуваат со одбраната. Во ова дерби кое се очекува да е со побавно темпо, очекувам дека клучот ќе биде токму одбраната и голманите. Главните играчи на Пелистер останаа и во оваа сезона, најголема минутажа имаат истите. Сепак, сменета им е играта и тренерот, играат повеќе игра на шест метри со играта „седум на шест“. Од играчки аспект се горе-долу истите. Натпреварите меѓу нас не поминуваат без „искри“ на навивачите, ама се надеваме на убава ракометна атмосфера и да покажеме зошто ова е спорт број еден во Македонија“.
Дербито меѓу Вардар и Пелистер се игра во терминот од 17:45 часот в недела.



