Сиљановска Давкова од Конференцијата за Украина: Потребен е нов Маршалов план

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска од Берлин, на маргините на конференцијата за обнова на Украина, порача дека на Европа и е потребен нов Маршалов план.

-Соочени сме со насушна потреба од нов Маршалов план. Она што по Втората светска војна го направија САД за разурнатата Европа, сега Европа е во можност да го стори за Украина. Ние и досега покажавме дека сме на линија на европската заедничка и безбедносна политика, не само што ѝ помагаме на Украина, како членка на НАТО со издвојување на два отсто од БДП, туку и колку што можевме политички, воено, па и економски, посочи Сиљановска Давкова.

Таа истакна дека на конференцијата се анализирале досегашните достигнувања, проблеми, што треба да се стори во иднина за Украина.

-Ние сме една од најсиромашните држави во Европа и не можеме да се натпреваруваме со големите држави во помошта, кога велам големите држави, велам на економската помош. Се разбира има голем простор за наше учество во сите останати области, ќе продолжиме каде што сме застанале во моментов, рече Сиљановска Давкова.

Додаде дека ние како држава имаме искуство по распадот на поранешна Југославија, и оти тоа искуство можеме да го понудиме како помош.

Прочитајте и:  Орбан: Следуваат двата најопасни месеци од војната, Западот треба најсериозно да ги сфати зборовите на Путин

-Она што ме тревожи е ноторниот факт дека Европската заедница настана како мировен проект во 50-те години. Идејата беше да се стави крај на војната, да се живее во ера на Кантовиот вечен мир. За жал се соочуваме со војна. Се надевам дека после оваа војна, Европа ќе рече никогаш повеќе, рече Сиљановска Давкова.

Изрази очекување за справување со проблеми како корупција, бидејќи, како што кажа, тие секогаш одат со војните,  проблеми на добро владеење, изградба на демократијата…

Обновата на Украина, според претседателката Сиљановска Давкова, е и обнова на европската и на светската солидарност и емпатија.

Претседателката Сиљановска Давкова изрази надеж дека македонската и украинската иднина ќе биде во Европската Унија.

-Затоа се радувам што Украина веројатно ќе добие почеток на преговори. И ние да ставиме крај на оваа сага од 23 години, и да ги почнеме преговорите со Европската Унија. Се надевам дека формирањето на новото Министерството за евроинтеграции како институционален доказ за цврста позиција, за цврста посветеност кон европскиот пат ќе го поттикне нашето приближување во ЕУ и се разбира ќе станеме стандардна европска држава, нагласи Сиљановска Давкова од Берлин на Конференцијата за обнова на Украина.

- Реклама -