Србија испраќа хуманитарна помош за Појасот Газа во вредност од три милиони евра

Владата на Србија донесе заклучок со кој се упатува хуманитарна помош во стоки за државата Палестина, како форма на помош за ранливото население поради критичната хуманитарна ситуација во Појасот Газа, јави дописникот на МИА од Белград.

Хуманитарната помош се дава во вид на храна, вода, медицинска опрема, како и шатори за сместување семејства, вкупната вредност на робата е близу три милиони евра, а тежината е близу 900 тони, соопшти Владата на Србија.

Со оглед на итноста на ситуацијата и решителноста на Србија да му се помогне на палестинското население, помошта се испраќа во два лета, од кои првиот авион ќе лета денеска, додека вториот утре.

– Друга хуманитарна помош ќе се транспортира со брод во неколку наврати. Планот е кога помошта ќе пристигне во Египет, египетската Црвена полумесечина да ја подигне и понатаму со камиони да се транспортирана до Појасот Газа. Ова зборува за сложеноста на постапката за извршување на испораката на хуманитарна помош, како и за нејзината неопходност, соопшти Владата на Србија.

Прочитајте и:  Амал Клуни со важна улога во одлуката на Меѓународниот кривичен суд за апсење на Нетанјаху

Со истиот заклучок, Владата се согласи и со предлогот на Министерството за надворешни работи, Владата на Република Србија да одговори на повикот на специјализираната агенција на Обединетите нации за образование, наука и култура (УНЕСКО) за обезбедување финансиски поддршка на Програмата за итна помош за Газа, со уплата на средства во износ од 10.000 евра.

- Реклама -