Таравари: „Вреди“ се залага за привремено судско тело на западни експерт кои ќе бидат интегрирани во обвинителските и судските совети

Во штабот на коалицијата „Вреди“ во Тетово денеска на прес-конференција кандидатот за претседател Арбен Таравари најави дека како претседател на Републиката ќе преземе конкретни чекори за решавање на политички монтираните случаи и за враќање на довербата на граѓаните во правосудниот систем.

Тој, како монтиран го нарече случајот „Монструм“ кога се случи петкратното убиство кај Смилковското езеро пред 12 години.

– За ова дело, фабрикувано од параполитичките структури, петмина невини Албанци се осудени на доживотен затвор или максимална казна. Од страната на власта, оваа годишнина беше третирана како и сите други: со молчењето што ја карактеризира вината. Монструм, Сопот, Бродец, Алфа, Диво Насеље и други, сите се имиња кои не потсетуваат на отворената рана во нашето општество, онаа на селективна правда која ги угнетува Албанците. Овој систем на неправда го претвори Албанецот во парче месо, за политички пресметки или за туркање на шовинистичката агенда секогаш кога се загрозува нечија власт. Селективната правда во политички мотивираните случаи, но и се поголемата неказнивост по измената на Кривичниот законик, не доведоа до ситуација во која само 2 проценти од граѓаните веруваат во правдата, рече Таравари.

Претседателскиот кандидат истакна дека коалицијата „Вреди“ како врвен приоритет ќе има формирање независно, ефективно и правично судство.

Прочитајте и:  Таравари: Албанскиот јазик не е рамноправен со македонскиот и мора да се врати на она што беше пред 1991 година

– Каде никој нема да биде над законот и никој нема да биде потиснат поради националната припадност. „Вреди“  се обврзува за создавање на привремено тело на западни експерти, главно од европски земји, кои ќе бидат интегрирани во обвинителските и судските совети на Северна Македонија со шестгодишен мандат. Ова тело ќе ја следи работата на домашните судии и обвинители. Но и самите ќе придонесат како судии и обвинители. Ќе го истуркаме законот за ветинг на судии и обвинители и целосно ќе го реформираме системот за избор, унапредување, дисциплинирање и разрешување на судии и јавни обвинители. По народниот плебисцит од 24 април и 8 мај, во нашиот правосуден систем нема да има место за корумпирани судии и обвинители со југословенски менталитет, рече Арбен Таравари.

Според Таравари, „Вреди“ ќе направи европеизација на правосудниот систем, како неопходен услов за запирање на епидемијата на корупција и селективна правда.

-Можеме да станеме земја-членка на ЕУ само кога судот во Тетово и Скопје ќе бидат доверливи како судот во Берлин или Бон. Друг начин нема. Промената започна и не престанува. Правдата вреди затоа што е предуслов за инклузивно општество, за демократија и за економски развој, истакна Таравари.

- Реклама -