Чута: Владата на Србија го подарува бомбардираниот Генералштаб во Белград на американски офшор компании

Александар Јовановиќ Чута од српската политичка организација „Еколошко востание“ денеска соопшти дека Горан Весиќ во име на Владата на Србија потпишал меморандум со кој локацијата на бомбардираниот Генералштаб во центарот на Белград ја подарува на американските офшор компании „Kushner Realty” i “Atlantic Incubation Partners” LLC, јави дописникот на МИА од Белград.

На прес-конференција во Белград, Јовановиќ објасни дека Еколошкото востание добило копија од споменатиот меморандум за разбирање од Министерството за одбрана, кое го добило документот на 9 февруари.

-Станува збор за ревитализација и, како што се вели овде, за развој на локацијата на Генералштабот, која Владата на Република Србија и нејзиниот овластен претставник, министерот за градежништво во техничкиот мандат Горан Весиќ, имаат намера со компанијата „Кушнер да ја ревитализираат, рече Јовановиќ.

Тој истакна дека компанијата „Кушнер Реалти“ е регистрирана на 8 март 2022 година во американската држава Делавер, која е позната како офшор зона. Како што истакна тој, компанијата е регистрирана на адресата на Џонатан Кушнер, роднина на Џаред Кушнер, зет на поранешниот американски претседател Доналд Трамп.

-Владата на Република Србија го овластува Горан Весиќ да подготви меморандум за разбирање, да изгради нешто што го нарекуваат развој и ревитализација на оваа локација, да и дозволи на компанијата Кушнер и оваа сестринска компанија да склучат закуп за 99 години на предметната локација бесплатно, за да по 99 години таа спомената компанија може да стане сопственик на предметната локација. „Београд на вода 2“ кажа Јовановиќ.

Прочитајте и:  Спејсикс го лансираше шестиот пробен лет на Старшип од Тексас во присуство на Трамп

Тој потсети дека комплексот на Генералштабот е прогласен за споменик на културата во 2005 година и ја повика Владата на Србија без одлагање да ја објави целата документација поврзана со овој аранжман.

Инаку локацијата на Генералштабот во Белград со години се поврзува со Соединетите Американски Држави, поточно со Доналд Трамп.

На почетокот на 2014 година, пред американскиот бизнисмен да стане претседател на САД, тогашниот премиер на Србија, Ивица Дачиќ, имаше разговари во Белград со претставници на компанијата на Трамп.

Тогаш беше кажано дека Трамп е заинтересиран за изградба на луксузен хотел со пет ѕвезди во главниот град на Србија и дека потенцијалната локација на таа инвестиција е бомбардираната зграда на Генералштабот.

По неколку години затишје, реконструкцијата на Генералштабот повторно беше актуелизирана во септември 2020 година, кога специјалниот пратеник на тогашниот американски претседател Доналд Трамп, Ричард Гренел, на состанокот со претставниците на српските власти во Белград ја презентираше идејата САД да го финансираат реновирањето на комплексот на Генералштабот.

-Гренел дошол на идеја да видиме како заеднички да ја обновиме зградата на Министерството за одбрана и Генералштабот, изјави тогаш српскиот претседател Александар Вучиќ.

- Реклама -