Претседателката на Косово, Вјоса Османи ги повика косовските институции да ги третираат односите со западните сојузници „не само како важни, туку и егзистенцијални“ за иднината на земјата, јави дописникот на МИА од Приштина.
Обраќајќи им се на медиумите по денешната конференција во Приштина посветена на европските перспективи на Западен Балкан, Османи рече дека историјата потврдила оти односите со сојузниците се клучни за успехот на државата Косово.
– Ги охрабрувам сите институции на Република Косово… да дадат се од себе за да ги подобрат овие односи, особено со САД, Обединетото Кралство и земјите од ЕУ, кои отсекогаш стоеле покрај нас. Да ги сметаме не само како важни, туку и егзистенцијални за успехот на нашата држава, затоа што тоа историјата го докажа и истото се потврдува со секоја наша постапка, рече Османи пред новинарите.
Таа ги нагласи и безбедносните проблеми со кои се соочува земјата, порачувајќи дека Србија постојано има планира агресија врз Косово и присвојување на неговата територија.
– Косово е земја која секако дека е развиена и консолидирана демократија, но да не заборавиме дека имаме големи безбедносни проблеми. На граница имаме држава која секој ден има за цел агресија кон Косово, која секој ден има за цел да ја проголта нашата територија, која секој ден има за цел и денес, 25 години по војната, да ги убива нашите граѓани, како што видовме со убиството на херојот Африм Буњаку (полицаецот убиен во нападот на северот на Косово во септември 2023), рече Османи.
Таа нагласи дека „Косово не може самостојно да оди напред“ и дека сојузниците не му требаат „само во знак на благодарност за она што го направиле во минатото“.
– Во овие предизвици ни требаат нашите сојузници, ни требаат нашите партнери. Значи, не само во знак на благодарност за она што го направиле во минатото, туку и како визија за она што ни треба во иднина. Косово не може самостојно да оди напред. Всушност, ниту една земја во светот не може да оди напред сама, рече Османи.