Чулев: Еден од контролорите бил удрен одзади и паднал врз апаратурата со која се контролираат авионите, во нападот учествувало и обезбедувањето

Прес конференција на Наќе Чулев

Завчера во Македонија, се случи настан, кој не е виден не само во Европа, туку и во најнеразвиените земји во светот.

Група од партиски функционери на владејачката ДУИ, на чело со Беким Незири, инаку инспектор за контрола на летање и близок соработник на директорот на М-НАВ, претседател на огранокот на ДУИ во Чаир и човек кој извршувал високи државни функции, упаднаа во еден од најзаштитените објекти во државата М-НАВ и физички притоа ги нападнаа контролорите на летање, кои во истиот момент извршувале сложени работни задачи од кои зависат илјадници животи.

За време на насилниот упад, биле физички нападнати повеќе лица, а еден од нападнатите бил удрен од позади, по што истиот паднал врз апаратурата, со која се контролираат авионите, кои се во моментот биле над македонското небо.

Како што дознаваме, неофицијално, во моментот на насилниот упад, на македонското небо вршеле прелет околу 40 авиони, а 2 авиони, од кој еден бил на сериозна авио компанија, кружеле над Скопје повеќе време и чекале дозвола за слетување. Во текот на денот имало и две слетувања на НАТО воздухоплови на аеродромот во Скопје. Да биде трагедијата уште поголема, во упадот учествувало и самото обезбедување, кое има задача да го штити објектот, но очигледно тоа не се случило, туку овие лица играле улога на поддршка на насилниците.

Името на агенцијата за обезбедување е озогласената кичевска фирма 2СС, која има промет од околу 3 милиони евра годишно и е позната по милионските тендери, посебно во институциите, кои ги раководат кадри на ДУИ. Па на листата на институции, кои ги користат нивните услуги се: АЕК, ЈП Државни Патишта, скопската градска болница 8-ми септември, како и Архелошкиот музеј, Музеј на Македонија, здравствен дом Кичево, Државната лотарија, ТИРЗ Кичево и Струга, Клиниката за гинекологија, Фонд за здравствено осигурување, Општина Центар во делот на училишта и градинки, Клиника за хематологија, скопската Клиника за кардиологија, управа за заштита на културно наследство, агроберза, Општина Струга и други. Односно накратко секаде каде ДУИ и СДС се на власт.

Прочитајте и:  Влен: Претставници на ДУИ, СДСМ и Пендаровски во март се сретнале во Вила Водно за враќање на Груевски

Дополнително, уште еден бенчмарк исполнет од европскиот фронт СДС-ДУИ, е фактот дека тепачите од М-НАВ беa пуштени без притвор. Скандалозно е што насилниците по извршениот упад во М-НАВ и делењето на шамари и клоци судот ги пушти без притвор, само со мерки за претпазливост. Во тие мерки, во соопштението, не се наведува дека им е забрането да одат повторно во институцијата, каде извршија кривично дело, што значи дека тепачите на ДУИ потмогнати од СДС, можат во секое време да го повторат делото.

Почитувани, овој страотен настан, според голем дел од експертите е терористички акт, а во најмала рака претставува кривично дело Загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај, за кое според Кривичниот законик, превидена е казна затвор од пет до десет години.

Извршен е насилен упад во М-НАВ, кој е објект на критична инфраструктура, и било загрозено небото над Македонија, која патем е НАТО членка, а со тоа било загрозено и европското небо и животите на илјадници патници, како домашни, така и странски, кои во тој момент се наоѓале во авионите.

МВР, како и секогаш, во овие 7 години, во кои Оливер Спасовски е министер, е само нем набљудувач, се до моментот кога македонската јавност ќе направи огромен притисок, па дури потоа доцна се реагира, а како резултат на тоа 4 лица од групата, се уште се во бегство и не се достапни на органите на прогонот.

Затоа оваа неевропска коалиција, ќе одговара европски. Една од првите одлуки по преземањето на институциите и МВР ќе биде одговорност пред законот без исклучок на сите вмешани во овој сериозен меѓународен скандал.

Ова ли е европската агенда на ДУИ и СДС? Ова ли е начинот на кој ќе ја внесуваат Македонија во ЕУ?

После ваков невиден настан, непознат во Европа и светот, мора да следат оставки веднаш, од врвот па надоле.

Одговорност мора и ќе имае! Никогаш не било полошо! Време е да ги поразиме.

- Реклама -