Ковачевски: Оваа посета на Брисел можеше да биде победничка… Да не се залажуваме со можни промени на Преговарачката рамка

Да не се самозалажуваме и да ги залажуваме граѓаните за промени во однос на Преговарачката рамка или во процесот на проширување, затоа што на крајот од тоа нема да има корист за никого; ова го порача денеска во Брисел премиерот Димитар Ковачевски во одговор на прашањето на МИА за коментар на синоќешната изјава на претседателот на Европскиот совет дека иако проширувањето е процес базиран на заслуги, сепак во носењето одлуки за него мора да се води сметка за комплексноста на ситуацијата во Европа.

– Апсолутно тоа е изјава која што претседателот на Европскиот совет не ја кажува првпат, туку ја има кажано неколку пати. Комплексноста е од аспект на тоа што ЕУ започна процес на своја внатрешна подготовка за прием на нови членки и тие својата цел за тоа ја поставија до 2030 година, исто како што ние имаме цел до 2030 година во однос на реформите коишто треба да се донесат, изјави Ковачевски на прес-конференција на крајот на неговата дводневна работна посета на Брисел, каде вчера учествуваше на Самитот ЕУ-Западен Балкан.

Тој потенцира дека единствен отежнувачки фактор зошто не е одржана втората Меѓувладина конференција на земјава со ЕУ, која што е јасно наведена во заклучоците, е антиевропската, анти-ЕУ, анти-НАТО и проруска коалиција во земјата.

– Штом бидат спроведени амандманите на Уставот во Северна Македонија, што се од техничка природа, што сите вие тоа го знаете, бидејќи нема никаква забелешка во однос на амандманите, тогаш ќе биде одржана втората Меѓувладина конференција. Секако дека овој прозорец на можност којшто го имаме и којшто го имаме до изборите во Северна Македонија и во ЕУ не треба да се пропушти, изјави Ковачевски, додавајќи дека „во 2008 година бевме сведоци на она што се случи во Букурешт на Самитот на НАТО, кога беше одложен нашиот прием во Алијансата, а денес сме сведоци на тоа што се случи во Брисел и заради кого тоа се случи“.

Според премиерот, оваа негова работна посета на Брисел можела да изгледа сосема поинаку – сме можеле да дојдеме и победнички, гласно и јасно да кажеме дека продолжуваме по европскиот пат, но се потврдило дека единствен кочничар на државата е „анти-ЕУ, анти-НАТО и про-руската коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и Левица“.

– Нашите граѓани денес и конкретно можат да се уверат дека со овие политичари ќе бидат лишени од можноста забрзано да се приклучат на прогресивното европско семејство. Свежи ни се сеќавањата на 11-те години владеење со лажен патриотизам и популизам, што доведе до целосно заробена држава. Нека им служи на чест на овие партии, а на граѓаните да им служи на ум, додаде Ковачевски.

Сепак, според него, и покрај сето ова, во Брисел за нашата држава имаше позитивни дискусии и натамошна поддршка од европските лидери на трасираниот пат на државата кон Унијата, затоа што, како што вели, нашата единствена алтернатива е ЕУ и ние од европскиот пат нема да отстапиме.

Тој додаде дека Самитот ЕУ-Западен Балкан бил одлична можност на највисоко ниво да се говори за заедничката европска иднина на земјите од Западен Балкан, односно нашата цврста решеност и визија дека ЕУ како и досега останува најголем и најсигурен партнер на земјава и на регионот.

– Како Влада работиме напорно со цел да ја оствариме нашата стратешката цел – членство во ЕУ до 2030 година. Да обезбедиме подобар, достоинствен живот дома, со повисоки плати и пензии, повеќе пари за граѓаните, подобар животен стандард, подобро образование, здравство… да обезбедиме европски стандарди и европски вредности, но дома, рече Ковачевски, додавајќи дека пред политичарите понекогаш стојат тешки задачи, но граѓаните, вели, им ја даваат довербата за да ги донесат на вистинскиот пат на просперитетна иднина, квалитетен живот, безбедна земја и економски стабилна.

Според него, Самитот претставувал можност лидерите на ЕУ и на земјите од регионот отворено да разговараат и за соработката за надминување на заедничките предизвици, бидејќи, како што рече, само со цврсти врски помеѓу Западниот Балкан и ЕУ може да се дејствува единствено, исклучиво во интерес на граѓаните и перспективите на државите.

– Вчера ги информирав колегите од земјите членки на ЕУ и лидерите на институциите за статусот на евроинтеграциите на Северна Македонија и за успешно завршениот процес на скрининг. Се заблагодарив за многуте конкретни примери на соработка и партнерство меѓу ЕУ и нашата земја во исклучително тешка година полна предизвици предизвикани од енергетската и економската криза, како последица на воената агресија на Русија врз Украина. Како никогаш досега, постои подготвеност проширувањето на ЕУ да се случи. Тоа отсекогаш имало геополитички апсект, но во овие моменти суштински ќе ја зајакне европската безбедност и стабилност. И тој процес на пристапување може да биде забрзан, но тоа ќе биде засновано на заслугите на секоја земја поединечно, додаде Ковачевски.

Тој нагласи и дека со својата стопроцентна усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика со ЕУ, засилената заложба за спроведување на реформите, како и меѓународната поддршка која секојдневно ја добива, земјава не смее да се откаже од европската интеграција.

Инаку, како што јави дописникот на МИА од Брисел, за време на работната посета, премиерот имаше повеќе кратки средби, меѓу кои со претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел, претседателката на Еврокомисијата, Урсула фон дер Лајен, претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, како и со повеќе негови колеги од земјите од регионот и членки на Унијата со кои разговарал за европската иднина на државата и за заедничката подготвеност да се одговори на сите предизвици.

Извор: МИА

- Реклама -