Толоманоски по пријавата веднаш е разрешен и ќе биде исклучен од партијата, а ќе добие и отказ – велат од ВМРО-ДПМНЕ

Александар Толоманоски по пријавата од МВР за поседување на наркотични средства е веднаш разрешен од местото претседател на месниот комитет Пештани во Охрид. Тој во најитен рок ќе биде и исклучен од партијата, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ, откако СДСМ ги прозва поради апсењето.

„Додека јавноста чека Мицкоски да одговори што разговарале и договарале со Палевски, пукна нов скандал, и тоа со дрога, кокаин. Истакнат член на ДПМНЕ од Пештани и близок соработник на Мицкоски е фатен со кокаин. Како што информираше МВР, вчера на 9-ти декември во 2 часот и 55 минути е приведено лицето А.Т. заради поседување предмети со кокаин. Станува збор за Александар Толоманоски-Дандаро, близок на Мицкоски и градоначалникот Пецаков“, истакна на прес-конференцијата Дарко Каевски – пратеник и портпарол на СДСМ, покажувајќи заеднички фотографии на Мицкоски со лицето, за, како што рече, „јавностса да види кои се блиските луѓе на Мицкоски“.

„Ова е вистинското лице на ДПМНЕ и кажува многу за какви луѓе станува збор. Очигледно има многу бело околу ДПМНЕ и Мицкоски а не само Белата палата!?“, додаде Каевски.

Но, како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, покрај разрешувањето од месниот комитет и исклучувањето од партијата, побарале Толоманоски да добие и отказ.

Прочитајте и:  Мицкоски: Ахмети и ДУИ стануваат фактор на нестабилност на дневна основа, но Албанците се свесни што правеа додека беа на власт

„Градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, од директорката на училиштето каде Толоманоски работел ќе побара поведување на дисциплинска мерка за прекинување на работниот однос“, информираа од партијата.

Тие се категорични дека ВМРО-ДПМНЕ остро се спротивставува на секое незаконско однесување и постапување, без оглед на политичка, верска или било каква друга припадност.

„СДСМ наместо евтин популизам и двојни стандарди нека побара од Спасовски до крај да го расветли двојното убиство кое ја потресе јавноста, како и да повика на одговорност за задоцнетата реакција со трагичното киднапирање и смрт на малата Вања“, одговорија од опозицијата на прозивките на Каевски за наводните средби на Мицкоски со Палевски, кој, заедно со неговите радикални стсавови, според СДСМ, бил алатка на ВМРО-ДПМНЕ, а бил и близок соработник на „режимот на ДПМНЕ“ и јавно го поддржувал Мицкоски и, како што рече, „нивниот коалициски партнер Левица“. Според СДСМ, средбите со Палевски се причината зошто ВМРО-ДПМНЕ, според нив, манипулира, ја поткопува истрагата и покажува изопачена потреба за злоупотреба на случајот со убиството на Вања.

- Реклама -