Белата куќа го предупреди Конгресот итно да одобри испраќање дополнителна помош за Украина

Белата куќа денеска го предупреди американскиот Конгрес дека итно треба да одобри испраќање воена и економска помош за Украина во вредност од десетици милијарди долари, наведувајќи дека во спротивно може да бидат загрозени напорите на Киев да се брани од руската инвазија.

Во писмото до лидерите на двата дома на Конгресот, Претставничкиот дом и Сенатот, директорката на Канцеларијата за менаџмент и буџет на Белата куќа Шаланда Јанг предупреди дека САД ќе останат без средства за испраќање оружје и помош за Украина.

Јанг изјави дека САД веќе останале без пари што ги користеле за поддршка на украинската економија и додаде дека „Украинците нема да можат да продолжат да се борат ако економијата (на таа земја) пропадне“.

-Останавме без пари за поддршка на Украина во оваа борба и ни истекува времето. Ова не е проблем за следната година. Сега е време да и помогнеме на демократска Украина да се бори против руската агресија. Време е Конгресот да дејствува, напиша Јанг во писмото.

Прочитајте и:  Шолц: Германија нема да прекине со давањето воена помош на Украина

Американскиот претседател Џозеф Бајден, од Демократската партија, побара пакет помош од речиси 106 милијарди долари за Украина, Израел и други потреби, но не наиде на одобрение во Pарламентот, каде што расте скептицизмот за опсегот на помошта за Украина.

Дури и оние републиканци кои поддржуваат распределба на дополнителни пари за Украина, за возврат бараат промена на политиката кон американско-мексиканската граница, со цел да се запре протокот на мигранти.

Претставничкиот дом во кој доминираат републиканците одобри испраќање пакет помош за Израел, кој води војна против Хамас во Појасот Газа, додека Белата куќа остана на ставот дека мора да се исполнат сите приоритети.

МИА

- Реклама -