„Актуелната корумпирана влада на ДУИ/СДСМ одлучи овој настан да биде домаќин во салата ‘Борис Трајковски’ каде пред три месеци беше извршено перење коруптивни пари во износ од 1.8 милиони евра, од страна на донаторската компанија на ДУИ позната како ЕУРОВИА, кои под сосема сомнителни и нетранспарентни околности го добија предметниот тендер!“, реагираат од политичката партија БЕСА.
„Движењето БЕСА го крена гласот и ги извести претставниците на ОБСЕ за случајот, бидејќи токму онаму каде што оваа КОРУМПИРАНА ВЛАДА на ДУИ/СДСМ ве назначи да примите гости, токму таа сала е модифицирана со пари од даночните обврзници на нашата земја, на тендер што го доби фирмата пријателка на ДУИ“, изјави Љуљзиме Амети, потпаролка на партијата.
Таа додаде дека и пред три месеци ја информирале јавноста дека, како што рече, „сомнително коруптивниот тендер“ од 1.8 милиони евра за адаптација на салата „Борис Трајковски“ за Министерскиот самит на ОБСЕ го добил кланот на ДУИ.
„Го повикуваме ОБСЕ да се заинтересира, како сериозна европска организација која со децении придонесува за нашата земја, со какви финансиски средства се украси таа сала, колку чинеше таа сала и како е можно лобито на ДУИ да го добие наведениот тендер!
Исто така, ги повикуваме сите надлежни органи да разјаснат и да се изјаснат дали пројавиле интерес и истрага за оваа корупциска афера, почнувајќи од Јавното обвинителство, Антикорупциската комисија и Државната ревизија, за да се открие вистината за тоа како токму од сите фирми кои се пријавиле на тендерот, тендерот од 1.8 милиони евра го добила фирмата донатор на ДУИ“, рече Амети.
Од БЕСА додаваат дека одговорните институции се должни итно и сериозно да постапат за расветлување на случајот, без да бидат под влијание на политички притисоци, за целосно да се расветли вистината на овој, како што велат, „сомнителен и симптоматичен мега тендер кој содржи елементи на коруптивна афера!“.
„Ако сега се премолчи ова злосторство, наскоро ќе дојде денот кога некој друг ќе го открие, но тогаш ќе има одговорност за сите оние кои имале свои раце во злосторството“, порачаа од партијата.