Чешка и Словачка се против укинувањето на ветото во ЕУ, но се за побрзо проширување со земјите од Западен Балкан

Премиерите на Чешка и на Словачка, Петр Фијала и Роберт Фицо, денеска во Прага се спротивставија на идеите за укинување или ограничување на употребата на ветото во Европска Унија и побараа дебатата за одлучување во ЕУ да се одвои од темата за проширување со земјите од Западен Балкан, како и да се забрза проширувањето.

„Покрај прашањето за ветото, за нас е важно дека не сакаме да ја поврземе дискусијата за одлучување во ЕУ со дебатата за проширувањето. Ова е важна тема за нас бидејќи сметаме дека процесот треба да биде забрзан, а на земјите од Западен Балкан треба да им се даде појасна перспектива отколку што имаат сега. Важно е овие работи да не се поврзани и условени, бидејќи расправата за одлуката ќе биде долга и комплицирана“, истакна Фијала на заедничка прес-конференција со Фицо.

Прочитајте и:  Блумберг: Европа ќе мора да ги удвои трошоците за одбрана поради војната во Украина

Новоизбраниот словачки премиер денеска во разговорите со чешките домаќини се заложи за рестартирање на активностите на Вишеградската група.

„За Чешка, одземањето на правото на вето е црвена линија. Тоа е и за нас. Ако четири земји речат не, не е така лесно да ни го одземете правото на вето и да правите што сакате“, посочи Фицо.

Фијала вети дека итно ќе организира средба на премиерите од Вишеградската четворка, откако ќе биде формирана новата полска влада.

Вишеградската група е културна и политичка алијанса на четири средноевропски држави – Чешка, Унгарија, Полска и Словачка, кои се членки на ЕУ и НАТО, чија цел е унапредување на меѓусебната воена, културна, економска и енергетска соработка.

МИА

- Реклама -