Шмигал: Украина ја доби деветтата транша од 1.5 милијарди евра од ЕУ

Киев ја доби деветтата транша во износ од 1.5 милијарди евра од макрофинансиската помош од Европската Унија, соопшти премиерот на Украина, Денис Шмигал, на социјалната мрежа Телеграм, пренесе Укринформ.

Како што посочи тој, вкупната буџетска поддршка на ЕУ за Украина во 2023 година веќе изнесува 15 милијарди евра.

„Ова е еден од најважните фактори што ѝ помага на Украина да остане економски силна и стабилна“, потенцираше Шмигал.

„Во моментов работиме со Европската комисија на нова долгорочна програма за помош на Украина во вредност од 50 милијарди евра. Очекуваме да добиеме 18 милијарди евра следната година“, додаде украинскиот премиер.

Тој изрази благодарност до европските партнери на Украина за нивната непоколеблива солидарност со Киев.

Прочитајте и:  Украина: Новата хиперсонична руска ракета развила брзина поголема од 11 маха (речиси 3.8 километри во секунда)

Извор: МИА

- Реклама -