Опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ денеска од Охрид ја стартуваше акцијата насловена „Важно е! Од тебе зависат промените“, во чии рамки е предвидено партиското раководство да оствари средби со граѓаните за нивните проблеми, од кои би произлегле решенија што ќе бидат дел од кампањата на партијата на претстојните парламентарни избори.
Лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, во Охрид истакна дека акцијата има за цел напосредно да ги слушне проблемите со кои се соочуваат граѓаните, организациите, здруженијата, како и целни групи, и како што рече, „за истото да понудиме решенија кое што ќе биде содржано во програмата која што ќе биде дел од кампањата за следните парламентарни избори“.
-Еден нов пристап на неколку месеци пред почеток на кампањата сакаме јасно да ги дефинираме приоритетите на нашите граѓани, на економијата, на целните групи, на луѓето кои што денеска се во Македонија и кои што денеска се грижат и им значи Македонија да успее. Затоа велиме дека е важно, алармот е вклучен и ние цениме дека со оваа акција можеме навистина да имаме една исклучително содржајна кампања, рече Мицкоски.
Мицкоски, Охрид
Според него, партијата ВМРО-ДПМНЕ како носител на идната влада има намера од централниот буџет за проекти во Охрид да алоцира средства до осум милиони евра годишно или 32 милиони евра за четиригодишниот мандат. Средствата би биле наменети за неколку приоритетни проекти како канализација и пречистителна станица во населеното место Трпејца, како и нов водоснабдителен систем за Охрид преку проектот „Свиништа“.
„Тоа е проект што би чинел меѓу осум и девет милиони евра со кои што според тоа што го добиваме како информација би се обезбедило стабилно навремено снабдување на Охрид со вода би рекол за следните 50-тина години, без разлика на пикот на туристичката сезона. Но, и не само тоа, и други канализациони мрежи во други населени места, училишта, инфраструктурни проекти, катна гаража која што се планира во центарот на градот итн“, рече тој.
Партискиот лидер и поздрави активностите на локалната власт во Охрид предводена од градоначалникот Кирил Пецаков за направеното изминатите две години локална самоуправа раководена од ВМРО-ДПМНЕ.
-Ги охрабрувам да продолжат свесни комплетно за тешката ситуација со која што се наоѓа општината. Но и свесни комплетно за односот на централната влада кон општината и кон охриѓани, бидејќи знаете дека тие секаде онаму каде што во 2021 година имаше победа на градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ се однесуваат насилнички, се лимитираат, се кратат средства, не се инвестира итн. Нешто што нема да биде пракса за идната влада за неколку месеци од денеска, рече партискиот лидер Мицкоски.
Предвидено е во рамки на денешната псоета на охридскиот регион партиското раководство и Мицкоски да имаат средби со граѓани на Охрид и на туристичките населби Трпејца и Пештани.