Ескалира полско-украинскиот спор околу украинското жито: „Украина е како давеник кој може да го удави и тој што ја спасува“

Полското Министерство за надворешни работи го повика на разговор украинскиот амбасадор поради коментарите на претседателот Володимир Зеленски на Генералното собрание на Обединетите нации, соопшти Министерството.

Во своето обраќање во Њујорк, Зеленски рече дека Киев „напорно работи на зачувување на копнените патишта за извоз на жито“ и дека „политичкиот театар“ околу увозот на жито и помага само на Москва, која ја нападна Украина минатата година.

Полска, Словачка и Унгарија, наведувајќи ја потребата од заштита на домашните пазари, во петокот најавија ограничувања за увоз на украинско жито. „(Заменик министерот за надворешни работи Павел Јаблонски) го пренесе силниот протест на полската страна против вчерашните изјави на претседателот Зеленски на Генералното собрание на ОН, во кои се наведува дека некои земји од ЕУ глумеле солидарност додека индиректно ја поддржуваат Русија“, соопшти полското МНР.

Јаблонски му рекол на украинскиот амбасадор дека „притисок врз Полска на мултилатерални форуми или поднесување тужби пред меѓународните судови не се соодветни методи за решавање на споровите меѓу земјите“.

Портпаролот на Светската трговска организација вчера потврди дека Украина го направила првиот чекор во трговскиот спор со поднесување жалба до СТО. Тој не ги именуваше земјите, иако Киев претходно соопшти дека тужбата се однесува на Полска, Словачка и Унгарија.

Полскиот претседател Анджеј Дуда, реагирајќи на зборовите на Зеленски, ја спореди Украина со давеник кој може да го повлече до дното и тој што се обидува да го спаси. Исто така, тој ја откажа средбата со Зеленски, планирана за денеска.

Прочитајте и:  Песков: Бајден ја ескалира ситуацијата за да ги саботира мировните планови на Трамп за Украина

Полскиот премиер Матеуш Моравјецки денеска и се закани на Украина дека ако конфликтот околу ембаргото за увоз на украинско жито продолжи да ескалира, неговата влада ќе го прошири ембаргото и на други земјоделски производи.

„Ги предупредувам украинските власти, доколку продолжат да го ескалираат конфликтот, тогаш еден по еден ќе додаваме и други земјоделски производи на листата за забрана на увоз“, рече Моравјецки.

Полска, како и Словачка и Унгарија, побараа од Европската комисија да го продолжи ембаргото за увоз на украинско жито на неколку соседи на Украина дури и по 15 септември, така што евтиното жито што го увезуваат и продаваат полските и другите купувачи со високи профити нема да го дестабилизираат.

ЕК одби да го стори тоа, па Полска, Словачка и Унгарија еднострано го продолжија ембаргото, иако според поделбата на надлежностите меѓу Брисел и земјите-членки немаат право на тоа.

Поради ова, Украина ги тужеше Полска, Унгарија и Словачка во Светската трговска организација (СТО), а од Киев дојдоа најави дека следниот чекор може да биде ембарго на увоз на полско овошје и зеленчук, што е приближно пет проценти од полскиот извоз од овие производи во Украина.

МИА

- Реклама -