Груби негира какво било влијание во изборот на подизведувачи на „Бехтел и Енка“ за Коридорите 8 и 10 Д

Ниту Владата, ниту било која политичка партија или министер не смее, не си дозволува и нема право и никаква можност да влијае врз изборот на подизведувачи на конзорцуимот „Бехтел и Енка“, дециден е првиот вицепремер, Артан Груби, одговарајќи на прашање, дали фирмата „Еуровиа“, која е голем донатор на партија ДУИ е избрана за подизведувач.

„Апсолутно оградување, нивните процедури, дури се и потешки од нашите процедури предвидени во нашиот Закон за јавни набавки за избор на подизведувачи. Нивна е одговорноста да го изградат патот и кого ќе изберат. Затоа што ако не го изградат патот во предвидениот рок од договорот, они всушност носат одговорност за тоа прашање и за сите подизведувачи и за сите кои ќе си ги изберат како партнери, во изградбата“, рече Груби на денешното почнување на градежните работи на Коридорот 8 делница Гостивар- Буковиќ.

На новинарско прашање дека според извештајот на Антикорупциска комисија подарокот од „Еуровиа“ е спротивно на закон, како ќе се оправдат пред Министерство за правда, Груби со одговор дека ако има било какви сомнежи од страна на обвинителствата, Антикорупциска комисија, да постапат согласно законите, бидејќи како што вели, ги почитуваат законите и одлуките на институциите.

„Да помогнеме во градењето на кредибилитетот на институциите, за да веруваме во нивните одлуки понатаму“, истакна Груби.

Прашан дали се спрема по брза постапка нов Закон за амнестија, со кој ќе се амнестираат 30 проценти од осудените лица, Груби вели дека денеска на седница на Влада немало таков Закон.

Прочитајте и:  Меџити: И јас тврдам дека немаме закон за албанскиот јазик, ДУИ се хистерични

„Јас доаѓам од седница на Владата, а имаше најава од министерот за правда, но поради пренатрупаноста на затворите да се поднесе Закон за амнестија, но се уште не е поднесен во никаква Владина процедура за да може да се одлучува по текстот на законот“, вели Груби.

Што се однесува за измените во Кривичниот законик со кој голем дел од пријавите за поранешни и актуелни функционери меѓу кои и за градоначалникот на Струга – Рамиз Мерко, ќе бидат застарени, Груби вели дека измените се согласно европското законодавство.

„Измените на Кривичниот законик се во целосна согласност со легислативата на Европската Унија и тоа е пресликано во коресподентните табели и во никаков апсолутен случај не значат амнестија, ниту пак предвидуваат амнестија, ниту на било кого ќе помогнат, а најмалку на господинот Груевски, кој е тема, за да може да се врати во Република Северна Македонија“, вели Груби.

Посочува дека измените во Кривичниот законик не помагаат на било кој, што е обвинет од Специјалното јавно обвинителство или, како што вели, од било кој друг.

„Ова кривично дело не постои ниту во Германија, во многу земји од ЕУ се многу помали казните него ли во Република Македонија и затоа ги усогласуваме со европски стандарди и не значи дека се прават за едно или за друго. Туку едноставно усогласување со европските политики“, рече Груби.

МИА

- Реклама -