Столтенберг му одговори на Зеленски: НАТО никогаш не испратил посилен сигнал до Украина

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, на прес-конференцијата во Вилнус денеска експресно му одговори на украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој пред да пристигне на самитот на НАТО, гневно го коментираше фактот дека на Украина не ѝ е дадена временска рамка за влез во Алијансата.

„НАТО ѝ дава на Украина значаен пакет кој вклучува многу различни елементи кои ќе и помогнат на таа земја да го почне процесот за пристапување во НАТО. Ова е многу практична поддршка“, рече Столтенберг.

„НАТО никогаш не испратил посилен сигнал до Украина, и политички и на ниво на практична, конкретна помош“, додаде генералниот секретар на НАТО.

„Ако ги погледнете сите претходни процеси за пристапување во НАТО, тие не беа засновани на временски рамки, туку на исполнување на условите“, кажа Столтенберг.

На првиот ден од самитот во Вилнус, лидерите на НАТО  се согласија дека иднината на Украина е во Алијансата, а истовремено се откажаа од барањето Украина да го исполни таканаречениот Акциски план за членство (МАП), ефикасно отстранувајќи ја пречката на патот на Киев кон Алијансата.

Прочитајте и:  Кремљ: Смешно и апсурдно е да се обвинува Русија за оштетување на каблите во Балтичко Море

„Иднината на Украина е во НАТО“, се наведува во декларацијата што денеска ја договорија лидерите на 31 земја членка, додавајќи дека евроатлантската интеграција на Киев ја надмина потребата од Акциски план за членство.

„Ќе бидеме во позиција да ја поканиме Украина да се приклучи на Алијансата кога сојузниците ќе се согласат и кога ќе бидат исполнети условите“, се додава во декларацијата на првиот ден од самитот во Вилнус.

Иако лидерите не ги прецизираа условите што Украина треба да ги исполни, тие соопштија дека Алијансата ќе му помогне на Киев да постигне напредок во воената интероперабилност, како и дополнителни реформи во демократскиот и безбедносниот сектор.

Извор: МИА

- Реклама -