НАТО членките се согласија Украина да го прескокне Акцискиот план на патот до членство во алијансата

НАТО одлучи да се откаже од барањето Украина да учествува во Акцискиот план за членство (МАП) кој ги поставува целите што треба да се постигнат пред да се приклучи на воената алијанса, изјави денеска украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба.

Шефот на украинската дипломатија еден ден пред самитот на НАТО рече дека таквиот потег ќе го скрати патот на Украина до членство во алијансата.

„По интензивни преговори, членките на НАТО постигнаа консензус за отстранување на МАП од патот на Украина за членство. Ја поздравувам оваа долгоочекувана одлука која ни го скратува патот кон НАТО“, напиша Кулеба на Твитер.

Лидерите на алијансата се состануваат во вторник и среда во литванскиот главен град Вилнус, каде што ќе се обидат да ги надминат поделбите околу обидот Украина да се приклучи на блокот.

Киев сака да добие јасна покана за членство во НАТО по завршувањето на руската војна против Украина и се надева дека дотогаш ќе добие безбедносни гаранции.

Прочитајте и:  Медиуми во ЕУ: Путин го пречекори опасниот праг

Рускиот претседател Владимир Путин го наведе проширувањето на НАТО кон руските граници во последните две децении како причина за неговата одлука да испрати десетици илјади војници во Украина на 24 февруари 2022 година.

Сѐ поголем број членки на алијансата го поддржаа британскиот предлог пред самитот да му се дозволи на Киев да ја прескокне програмата МАП, која поставува политички, економски и воени цели за земјите кандидати да ги исполнат и кои другите источноевропски држави мораа да ги исполнат пред да се приклучат на НАТО.

Со таков потег, алијансата може да одговори на барањата да направи повеќе од декларацијата од самитот на НАТО во 2008 година, која ветуваше дека Украина на крајот ќе стане членка, но на Киев не му беше понудена вистинска покана или временска рамка.

„Тоа е, исто така, најдобриот момент да се понуди јасност во врска со поканата за Украина да стане членка“, напиша Кулеба на Твитер.

МИА

- Реклама -