Русија прво беше закана затоа што беше силна, а сега претставува ризик затоа што и се заканува нестабилност, изјави денеска во Луксембург високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедност – Жозеп Борел.
Минатиот викенд имаше „прекинат вооружен бунт“ во Русија, рече Борел по состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ.
„Овие настани покажаа дека руската држава и личниот кредибилитет на (претседателот Владимир) Путин се ослабени, во најмала рака идека политичкиот систем покажува пукнатини. Русија прво беше закана затоа што беше силна, а сега е ризик бидејќи може да стане нестабилна“, изјави шефот на дипломатијата на ЕУ.
Борел додаде дека заклучокот од министерската дискусија е многу јасен, а тоа е да продолжи да ја поддржува Украина повеќе од кога било досега. Тој рече дека европската мисија за обука на украинската армија оди многу добро, досега се обучени 24 илјади војници и дека првично поставената цел од 30 илјади обучени војници до крајот на оваа година ќе биде исполнета многу порано.
МИА