ВМРО-ДПМНЕ да опстои на искажаното на прес-конференцијата по лидерската средба, бара Ковачевски

Премиерот Димитар Ковачевски денеска ja повика ВМРО-ДПМНЕ „да опстои на искажаното“ на прес-конференцијата по лидерската средба одржана на 7 јуни и заеднички да ги донесат одлуките што се значајни за иднината на државата.

Спроед Ковачевски, она што било постигнато на лидерската средба е добра основа да се продолжи понатаму, да се направи следниот чекор и да се донесат, како што вели, вистинските одлуки во момент на геополитички случувања во Европа.

„Лидерската средба даде неколку важни пораки. Прво, дека ВМРО-ДПМНЕ не е против промена на Уставот. Второ, дека не е против вклучување на други народи во Преамбулата на Уставот, вклучително и на деловите од бугарскиот народ. Трето, дека овој парламентарен состав има легитимитет тоа да го направи, и четврто – дека оваа Влада има легитимитет, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ побара да биде дел од Владата, при што веднаш ѝ беше понудено половина министерски места да ѝ бидат отстапени. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ имаше уште еден услов од нему познати причини, а тоа е ДУИ да не биде дел од Владата која ќе стапи на функција по отварањето на Уставот. И таа желба му беше исполнета, така што практично сите работи што беа поставени, беа прифатени. Сметам дека тоа е одлична основа за работата да продолжи на оперативно ниво низ работни групи кои ќе можат да ги договорат деталите“, изјави денеска Ковачевски, одговарајќи на новинарски прашања во Росоман, каде беше на увид на санацијата на системот за наводнување „Макарија“.

Прочитајте и:  Мицкоски: Ќе донесеме нов Кривичен законик, но согласно европските стандарди, а не според нечии потреби

Ковачевски повтори дека ВМРО-ДПМНЕ се наоѓа во позиција која не е најпријатна бидејќи, како што вели, како голема партија тие немаат гласано за ниту една значајна одлука за државата.

„Не го поддржаа договорот со Грција, ниту членството во НАТО, ниту договорот со Фронтекс, ниту Преговарачката рамка. Сметам дека оваа е многу важна одлука за државата и треба да се направи заедно. Мислам дека тие ќе изнајдат сила да го направат тоа“, изјави Ковачевски, притоа критикувајќи ја најголемата опозициска партија дека не успеале ниту да излобираат кај тројцата пратеници од сестринските партии да гласаат за Резолуцијата усвоена во германскиот Бундестаг.

Извор: МИА

- Реклама -