Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ покажа конструктивност, СДСМ пропушта голема и историска шанса

ВМРО-ДПМНЕ ќе почека уште некој ден за да добие одговор од СДСМ за предлозите што ги изнесов на лидерската средба и ако се пропушти оваа шанса ќе стане јасно дека процесот е целосно заглавен, по што единствено логично решение би биле избори, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во интервју за Дојче Веле.

„Ние чекаме одговор. Непродуктивно и бесцелно е да се продолжи со какви било разговори или работни групи, ако тие не се сложуваат за предлозите кои ги дадовме. Ние ќе почекаме уште некој ден. Наместо да трошат енергија на посипување пердуви, нека имаат суштински состаноци и нека излезат со став“, вели Мицкоски во однос на тоа дали има најава од СДСМ кога ќе дадат одговор на предлозите на ВМРО-ДПМНЕ, изнесени од негова страна на лидерската средба со премиерот Димитар Ковачевски минатата среда.

Мицкоски вели дека СДСМ е потполно свесна за тоа што тој го понудил на лидерската средба, но, според него, се обидува да манипулира „со изнесување на неточни информации и импутирање на зборови“.

„Тоа значи отсуство на волја да се направи реален исчекор со решение кое ќе значи зачувување на идентитетот и реална и брза интеграција на државата. Дотолку повеќе што задните и вистински намери се гола Пи-Ар реторика и битка“, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, целта на изнесените предлози од негова страна била „да се создаде решение кое нема да биде на штета на граѓаните и иднината на Македонија“.

„Жалам што СДСМ пропушта голема и историска шанса“, вели Мицкоски, оценувајќи дека ВМРО- ДПМНЕ покажала конструктивност, која власта нема капацитет да ја валоризира.

Лидерот на најголемата опозициска партија вели дека она што го понудил на средбата претставува „промена на околностите, заштита на националните интереси и европска интеграција“.

Прочитајте и:  Мицкоски за Денот на албанската азбука: Писменоста и образованието не се луксуз, тие се основни права и патот до трансформација на општеството

„Првиот предлог кој го дадов е преодна влада без ДУИ, измени кои ќе стапат во сила со завршување на преговорите и членството на државата во ЕУ. Вториот предлог е избори, гаранции за националниот идентитет и јазик, економски пакет и заштита на Македонците во Бугарија преку спроведување на пресудите на Судот за човекови права во Стразбур и измени од влада без ДУИ, поддржана од опозицијата. Она што го понуди Ковачевски се уставни измени под бугарски диктат и широка влада со ДУИ. Не е поентата ВМРО- ДПМНЕ да дојде на власт во некаква широка влада, туку да изградиме процес и пакт за национално единство каде ќе ги заштитиме националните интереси“, вели Мицкоски.

Запрашан за тоа дали по лидерската средба имал контакти со претставници на меѓународната заедница и какви се нивните ставови, Мицковски вели дека партијата има постојана комуникација со нив, но дека не би сакал да ги интерпретирам нивните ставови, туку остава тие самите да ги изнесат.

Коментирајќи го ставот на ДУИ дека се согласни да излезат од Владата откако во сила би стапиле уставните измени, како и дека бараат спроведување на ветинг на претседателите, функционерите и пратениците на сите политички партии, Мицкоски вели дека партијата на Али Ахмети не е во позиција да поставува услови и колку побргу замине во опозиција, толку „побргу на Македонија ќе и тргне“.

„Не одлучуваат ДУИ и Али Ахмети дали ДУИ ќе ја напушти Владата. СДСМ треба да се охрабри и да ја прифати подадената рака за преодна влада“, вели Мицкоски, додавајќи дека е согласен и на ветинг и доброволно се пријавува прв да биде изложен на проверка во тој процес.

МИА

- Реклама -