Путин: Апсолутно е јасно дека украинската контраофанзива е почната

Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека украинската контраофанзива е започната, а тоа се гледа од употребата на стратешките резерви.

„Можеме да кажеме апсолутно јасно дека украинската офанзива започна. За тоа сведочи користењето на стратешките резерви“, рече Путин.

Тој додаде дека сите контраофанзивни обиди на вооружените сили на Украина не успеале, но „офанзивен потенцијал постои“.

Рускиот претседател тврди и дека украинската армија претрпела значителни загуби во изминатите денови.

Украинската армија, пак, денеска демантираше вест на NBC News, која објави дека долгоочекуваната украинска контраофанзива започнала, повикувајќи се на висок анонимен офицер и војник во близина на првите борбени линии.

„Немаме такви информации. И не коментираме анонимни извори“, изјави за британските медиуми портпаролот на Генералштабот на украинските вооружени сили.

Прочитајте и:  Кулеба: Војната во Украина нема брзо да заврши

Украинската влада претходно беше децидна дека нема да има јавна најава за почеток на офанзивата, а портпаролот на украинската армија одби да ги коментира тековните воени операции.

Извор: МИА

- Реклама -