Крената во воздух браната Какховка, Зеленски бара светот да реагира: „Русија е во војна против животот, природата и цивилизацијата“ (ВИДЕО)

Масивната брана Какховка во јужна Украина, изградена во време на Советскиот сојуз, а која повеќе од една година е под контрола на Русија, доцна ноќеска, околу 2:50 часот, била крената во воздух, поплавувајќи ги околните области, пренесуваат украинските и руските медиуми и светските агенции.

Браната, висока 30 метри и долга 3.2 километри, е изградена во 1956 година на реката Дњепар, како дел од хидроцентралата Какховка. Содржи резервоар што ги снабдува со вода полуостровот Крим (кој Русија го анектираше во 2014 година) и нуклеарната централа Запорожје, која исто така е под руска контрола.

Непотврдени видеа на социјалните мрежи покажуваат серија интензивни експлозии околу браната Какховка. Украинскиот претседател Володимир Зеленски објави видео на кое се гледа огромната количина вода која истекува од урнатата брана. Киев ги обвинува руските сили дека ја минирале браната, што, според Зеленски, е само уште една огромна потврда дека Русија мора да биде истерана од Украина.

„Уништувањето на електроцентралата Какховка од страна на руските терористи само потврдува пред целиот свет дека тие мора да бидат истерани од секое ќоше на украинската земја. Ни метар не може да биде оставен за нив, бидејќи секој метар тие го користат за терор“, напиша Зеленски утрово на социјалните мрежи.

„Само победа на Украина ќе ја врати безбедноста. И таа победа ќе се случи. Ниту со вода, ниту со ракети, ниту со што и да е друго, терористите нема да можат да ја запрат Украина“, порача Зеленски.

Прочитајте и:  Вонредно обраќање на Путин до нацијата во врска со војната во Украина

Во меѓувреме, тој итно го свика Националниот совет за безбедност. Според соопштеното, околу 80 населени места се во рамките на „зоната на поплава“, а биле издадени инструкции за да се изврши евакуација од загрозените области и да се обезбеди вода за пиење за сите градови и села кои се снабдуваа од резервоарот на Какховка.

На состанокот, како што соопшти Зеленски, биле донесени и сет на меѓународни и безбедносни мерки за Русија сериозно да одговара за, како што вели, „овој акт на тероризам“.

Подоцна тој објави и видео од дел од поплавените области, со посебен фокус на импактот на поплавата врз животните од афектираните региони, обвинувајќи ја Русија за екоцид, повикувајќи го светот да реагира.

„Ова е само еден ден од руската агресија. Ова е само еден руски терористички напад. Само едно руско воено злосторство. Сега Русија е виновна за суров екоцид. Сите коментари се излишни.

Светот мора да реагира. Русија е во војна против животот, против природата, против цивилизацијата. Русија мора да ја напушти украинската земја и да понесе полна одговорност за нејзиниот терор“, порача Зеленски.

- Реклама -