Мицкоски: Уставни измени во овие околности нема да има, тоа ќе го кажам и на лидерската

„Верувам дека оваа генерација на пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата заедно со мене, со раководството на партијата, го носи најголемиот товар да не попушти пред сите притисоци и убедувања за уставни измени, затоа што не смееме да го разочараме народот. И ви кажувам дека уставни измени под бугарски диктат и под овие околности нема да има. Овие работи кои сега ги говорам истите ќе ги кажам и на лидерската средба, која од власта најавуваат дека ќе се случи“, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на трибина во Кавадарци.

Мицкоски смета дека не е коректно што, како што рече, уставните измени патуваат кон Собранието „стокмени и напишани по бугарски терк“, а премиерот бара лидерска средба.

Зборувајќи претходно за корупцијата, со посебен осврт на изградбата на коридорите 8 и 10д, Мицкоски нагласи дека е потребна оставка на владата, ДУИ да отиде во опозиција и да се реформира, а за таа цел, народот да излезе масовно на избори и да одбере, како што рече, иднина.

Прочитајте и:  СДСМ: Новата сила и енергијата на Конгресот ја вознемири ДПМНЕ

„Најавувам блок кој ќе се соедини околу најважните интереси на Македонија, каде ќе се обединиме многу субјекти од сите партии и групации кои се вистински заинтересирани Македонија да е на сите и да одиме напред. Најавувам блок кој ќе понуди програма и визија, кој ќе се бори и за нови европски вредности и за економски достигнувања. Мора да се отвори нова страница во одбрана на македонскиот идентитет, на стандардот на граѓаните, страница која ќе обезбеди вистинска европска перспектива во Македонија“, рече Мицкоски.

- Реклама -