Налепници со ознаката „НМК“ наместо нови регистарски таблички, одлучи Владата

Наместо нови регистарски таблички, ќе се користат налепници со ознаката „НМК“, одлучи Владата на денешната седница. Целта е, како што велат, заштита на граѓаните од финансиски трошоци и вадење нова документација.

Според МВР, со ставањето налепница на регистарските таблици во целост се почитува обврската за ознаката на новиот код на регистарските таблици на возилата (преземена со Преспанскиот договор), додека истовремено се намалуваат финансиските трошоци на ниво кое е неспоредливо со износот кој би бил потребен за замена со нови регистарски таблици.

Налепници ќе треба да стават возила кои имаат таблици со „МК“ ознака, со што ќе се избегнат дополнителни финансиски трошоци за издавање повеќе нови документи/лиценци/сертификати, коишто се поврзани со бројот на регистарската таблица, посочуваат од МВР.

Прочитајте и:  МВР: Пратеници добиле имејл-порака со заканувачка содржина, се преземаат мерки за расчистување на случајот

Исто така, според министерството, поставувањето налепници ќе го олесни движењето за транспортерите кои патуваат во Европската Унија, бидејќи со ова решение ќе можат да ги задржат постоечките таблици, со што ќе бидат заштитени од потребата за промени во целокупната документација во државите членки на ЕУ.

„По ова, МВР во најскоро време ќе изготви измена на постојниот Правилник за формата и содржината на образецот на барањето за издавање на пробните таблици, формата и содржината на регистарските таблици и на пробните таблици на возилата, како и начинот и постапката на нивно издавање, и граѓаните ќе може со минимални трошоци да ја завршат и оваа граѓанска обврска“, напиша министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на „Фејсбук“, поздравувајќи ја одлуката на Владата.

- Реклама -